Пилотот на авикомпанијата „Џерман вингс“, кој според сознанијата на истрагата, намерно го урнал авионот во француските Алпи, пред шест години бил подложен на психијатриско лекување поради сериозни депресивни епизоди, објави денеска германскиот таблоид „Билд“.
По преслушувањето на записите од црната кутија, истражителите не дојдоа до сознание кои биле мотивите на 27-годишниот Андреас Лубиц за преземање на авионот со 150 патници и членови на екипажот и за негово намерно уривање.
Меѓутоа, „Билд“, повикувајќи се на интерни документи и на извори во авикомпанијата „Луфтханза“, наведува дека Лубиц една и пол година бил на психијатриско лекување. „Џерман вингс“ е нискобуџетска компанија во сопственост на „Луфтханза“.
Според извршниот директор на „Луфтханза“, Карстен Шпор, пред шест години Либиц ја прекинал обуката за пилот, но потоа, кога се вратил, ги положил сите потребни тестови.
– Пред шест години имаше подолга пауза во неговата обука. Откако беше повторно примен, тој продолжи со обуката. Тој ги положи сите тестови и проверки за летање. Неговата спсобност беше беспрекорна – нагласи Шпор.
Истрагата за уривањето на авионот0, кој сообраќаше на линијата Барселона-Диселдорф, дојде до заклучок дека Лубиц останал сам во кабината и намерно го вклучил копчето за мониторинг на летот, со што почнува неговото фатално спуштање сѐ до страшниот судар во планината.
– Само во пилотската кабина, пилотот можел да го манипулира копчето на мониторингот на летот за да го вклучи спуштањето на авионот – изјави јавниот обвинител од Марсеј, Брис Робин.
– Оваа акција може да биде само намерна – додаде тој.
На конференција за печатот Робин оцени дека пилотот имал намера да го уништи авионот.
– Ние го имаме записот од последните 30 минути од летот – соопшти Робин, додавајќи дека капетанот излегол од кабината и во тој момент „ербасот А320“ летал со автопилот.
Според Робин, Лубиц намерно ракувал со командите на авионот за да ја намали височината на летот. Тој нагласи дека на снимката од пилотската кабина се слуша дишење на човек сѐ до конечниот удар.
– Значи тој бил жив – рече Робин.
Во несреќата загинаа сите 150 патници и членови на екипажот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



