| четврток, 6 декември 2018 |

Дибиров не патува за Веспрем, на негово место е повикан Недановски

Рускиот ракометен интернационалец, Тимур Дибиров, нема да биде дел од составот со кој Вардар ќе се обиде да ја одбрани титулата во СЕХА-лигата на претстојниот завршен турнир во Веспрем, откако се повреди на синоќешниот тренинг во Скопје.

Станува збор за скинато мускулно влакно, повреда која не е алармантна, но која бара мирување, посебни третмани и тренинзи за да се санира. Поради тоа, стручниот штаб предводен од Раул Гонзалез реши да не ризикува, па на местото на Дибиров е повикан македонскиот репрезентативец, Владо Недановски.

Засега не постои опасност рускиот ракометар да не настапи на првиот четврт-финален меч од Лигата на шампионите против полскиот тим Кјелце, со оглед на тоа што очекувањата на лекарскиот тим се дека Дибиров дотогаш ќе биде целосно опоравен од повредата.

Вардар задутре ќе го има првиот настап на завршниот турнир од СЕХА и тоа во првото полуфинале против подобриот од денешната пресметка помеѓу Мешков Брест и Нексе. Домаќинот Веспрем во вториот полуфинален дуел ќе се сретне со победникот од натпреварот помеѓу ППД Загреб и Татран Прешов. Финалето е в недела.

извор: РК Вардар

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top