| четврток, 6 декември 2018 |

Tрагата на постоењето

д-р Бона Лазар Бајрактарова

д-р Бона Лазар Бајрактарова, универзитетски професор

Во животот, секој остава некаква трага зад себе; ваква или онаква, на овој или на оној начин. Историјата педантно ги бележи “трагите”; постапките, делата што силно одекнуваат во совремието. Нивното ехо (потоа) се слуша низ времето со одреден интензитет – зависно од предзнакот (позитивен/ негативен) што го носат како квалификатив! Заради ефектот што го произвеле ќе бидат славени, или анатемисани. Се разбира – од народот. Историјата има и пиедестал, и буниште!

Секој народ, во секое време, има свои херои и антихерои! Историјата на македонскиот народ бележи и такви и такви! Сите ги става на заслуженото место. Врз Македонија и македонскиот народ политичка агресија вршеле завојувачи, странски (главно соседни) држави, заради свои лични интереси, ама, страшно и непростливо е што ваквата непријателска агресија секогаш била потпомогната од домашни интересчии, за кои народот има свои специфични изрази: предавници, издајници!

Во моментов, Република Македонија трпи пресија од опозициски незадоволници, реторички инвентивци, самобендисани политичари и нивните исто такви поддржувачи! Ѝ се случува епизода со многу слични елементи од тешките историски премрежија низ кои поминала. Со непромислени постапки, заради исклучиво лукративни цели (фразите за демократија на опозиционерте се обична фарса!) се обидуваат да ги поткопаат темелите на македонската држава; сакаат да ги уништат нејзините корени! Нашите корени!

Во цивилизираниот свет, политичките битки се водат во институциите на државата! Лага е, дека народот не знае вистински да ги оцени постапките, делата (или недела) на политичарите. Резултатите од компаративната анализа на предизборната (сериозна или празно-ветувачка) реторика, и реалната постизборна состојба – се покажуваат на избори! Останатото – се приказни!Сум рекла, и стојам зад тоа – зад изборниот параван, секој е господар на својот глас! Не постои манипулација што може да ја промени избирачката волја на граѓаните, ниту сила – што може суштински да влијае врз неа! Својот избор на водства во државата, својата волја, тие ја соопштија повеќе пати досега; последно во 2014! Истата, никој нема право да ја оспорува, најмалку на нелегитимен начин, како што се прави во моментов. Легална промена на власта се случува – на избори! И,  минималната предност на кој било табор – е победа! Така е во демократските држави во светот*.

  • Скоро  видовме како изгледаат политичари со респектабилен  капацитет на политичка култура. Во Хрватска. Со минимална разлика од 0.8%, Грабар-Китаровиќ однесе победа над Јосиповиќ како перетседателски кандидат; очекувано, Јосиповиќ го призна поразот, иако, како што рече, „разликата е многу мала“; ѝ честиташе на победничката повторувајќи го ставот, дека во демократијата победуваат оние што ќе добијат повеќе гласови! Толку!

По секои избори, особено парламентарни, секој ја презема својата улога. Опозицијата гради свои ствови за политиките на избраната власт/Влада, критикува, оспорува;  потребен е дијалог, соработка власт-опозиција, ама, крајниот збор го има легитимната ВЛАСТ. За тоа е избрана – да ги реализира зацртаните идеи, проекти ветени на граѓаните, да ги изполни нивните очекувања!

Но, да се вратиме на “трагите”,од насловот на колумнава. Ќе влезе ли СДСМ и нејзиниот актуелен лидер Заев во македонската историја со уникатно дело (сакале да остават “трага”?!) – злоупотреба на приватни телефонски разговори во државата и забошотување на прашањата од јавноста во врска со т.н. аудио-прислушувачки серијал што го приредуваат. Народот очекува одговор од правосудните институции, во прв ред, но упорно бара одговор и од автор/ите/от на аудио-прислушкувачкото шоу:

  • со кое право објавуваат нелегално прибавени аудио-снимки од приватни разговори со недокажана веродостојност, чии и да се?!
  • како тоа, оние што ги обвинуваат за прислушкување, сами себе се прислушувале? (заклучок врз база на јавно презентираното);
  • зошто не објавија снимени разговори на кој било од опозицијата (освен еднаш – “веројатно по грешка”);
  • манипулираат со снимките, изоставајќи/сечејќи делови кои не им се допаѓаат?!
  • им сметаат аудио-снимки објавени од друг извор (не биле легално добиени), а нивните “бомби” – се легални?!
  • каков ков на луѓе (новинари, универзитетски професори, разни “активисти”…) се тие, што покрај легалните државни институци, закони и правила, прават виртуелни избори за државни позиции, според своите желби?! До каде досега нивниот /не/морал?!
  • И, последното прашање: – ќеможат ли учесниците (Заев, Шеќеринска и сите други) во пропагандниот антимакедонски прилог на арапската телевизија Ал Џезиира (март, 2015), да му погледнат во очи на својот народ?!

И, за крај. По соодветна судска разрешница на наметнатата политичка ситуација, очекувам и верувам, дека Македонија, по ова мачно искуство ќе излезе посилна! Ќе резултира со поука за сите, а најмногу за оние што не го разбираат концептот за демократски пристап во политиката, за оние што сметаат дека власта се добива со експлоатација на туѓи телефонски разговори, само со “зацрвенети очи”, без да се испотат!

Трагата што ќе ја оставиме зад нас, во животот – напишана книга, ликовно-музичко-актерско или какво било друго дело, добро, лошо, просечно или генијално, политички акт, гест, владеење – зборува за нас како личности, како автор/и…

Делата остануваат запаметени, споменувани во една или друга конотација, или брзо заборавени. Судот на времето и историјата е немилосрден! Нека му мислат – актерите!

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top