Никогаш не е доста од убави чанти, тоа е девизата на секоја жена. Никогаш не е доста ни од чевли и облека, но какви чанти ќе се носат оваа пролет и лето?
Ќе има многу шаренило, различен дезен, материјал, стил. Се најавува и враќање на чантите-ранци, кои беа многу популарни во средина на деведесеттите години на минатиот век. Секако, ќе има и кокетирање со ретро-стиловите, а класичната елеганција оваа пролет му го препушти местото на помодарството. Многумина ќе се пронајдат себеси во изобилството од чанти за оваа сезона.
Тркалезни и полутркалезни чанти и чанти во облик на квадрат
Овие чанти се целосен хит и, едноставно, мора да ги имате следната сезона. Мали, големи, тркалезни, во облик на квадрат, кожени, платнени и во сите можни бои… Овој вид чанти е наменет за комбинирање со лежерна облека, но одредени чанти прилегаат и со други, формални стилови.
Плик-чанта
Ако досега не сте купиле, време е да ја набавите својата плик-чанта. Без разлика која величина, боја и дизајн на плик-чанта ќе ја одберете, не може да згрешите. Оваа пролет апсолутен хит се плик-чантите со рачка за рака, која, дефинитивно, има двојна улога – има интересен детаљ и овозможува полесно носење в рака.
Ранец и чанта-ранец
Овој стил на чанти беше многу популарен во средината на деведесеттите години на минатиот век. Иако подоцна, одвреме-навреме имаше и варијации на таа тема, оваа пролет ранците и чантите-ранци ги има во разни бои, величини и материјал и тие повторно се вратија на голема врата во светот на модата. Некому му се допаѓаат, некому не, но нивната практичност е неспорна.
Докторски чанти
Овој модел на чанти може да се рече дека стана класика, а минатите неколку години, од сезона во сезона доживува само мали измени во смисла на нивната величина и боја. Тие се многу популарни поради можноста да се комбинираат со разни стилови на облекување и посебно бидејќи се практични за на работа, за патување.
Големи чанти
Како што секоја жена мора да има една мала црна чанта за вечерни излегувања, така мора да има и една голема чанта во која може да го спакува целиот свој живот. Никогаш нема да згрешите ако купите класична голема чанта, но ако сакате оваа пролетно-летна сезона да бидете модерни, тогаш купите голема чанта како вреќа, во некоја необична боја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.