Битолските новинари, фоторепортери, камермани, технички реализатори директно или индиректно вклучени во средствата за јавно информирање и од двата сектора презентираа фото изложба на тема „Битолско ретроспективно новинарство“.
– Станува збор за фотографии од настани во градот, прес конференции, истражувачка работа, водителство, но и новинарски другарувања што често ги практикуваат битолските новинари. Секогаш интервјуираме, снимаме, фотографираме политичари, функционери и други јавни личности, но овој пат објективот го свртивме од другата страна, кон самите нас, истакна новинарката Жанета Здравковска. Преку изложбата, додаде, на јавноста и се раскажува љубовта кон оваа професија.
Според Петар Ставрев, еден од доајените на битолското новинарство, во битолските медиуми се регистрирани над 200 лица, новинари, фоторепортери, камермани,…,и кои работеле на локално, регионално и национално ниво.
– Извршувајќи ги работните задачи сме се радувале опишувајќи добиени награди, а сме тагувале и плачеле за трагедии, пожари и други човечки судбини. Сме ги надминувале сопствените животни секојдневија пропуштајќи си родендени и други домашни веселби, ставајќи ги во преден план професионалните обврски. Секогаш сме се залагале за објавување на точни и проверени информации и со почитување на сите законски процедури, демократските, естетските и слободарси процеси, рече Ставрев.
Изложбата на тема „Битолско ретроспективно новинарство“ ја поддржаа НУ Завод и Музеј-Битола, печатица АД „Киро Дандаро“-Битола и млекарницата „БиМилк“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.