| четврток, 6 декември 2018 |

Белгијците го знаат само Пандев

Белгијците велат дека нема да ја потценат Македонија, но настапите им се поинакви и личат на потценувачки. Во изјавите велат дека од македонската репрезентација го познаваат само капитенот Горан Пандев. Толку, само еден и никој друг.

– Искрено, од макдонската репрезентација го знам само Горан Пандев. За останатите не знам речиси ништо, но видливо е дека имаат добри резултати, особено во Скопје. Треба да бидеме внимателни оти ако ги потцениме, може да добиеме жешка шлаканица – вели Кевин Миралас, напаѓачот на Евертон.

Ако не останатите, сигурно го знаат Горан Попов, кој, како и Миралас, игра во Премиер-лигата, во Вест Бромвич Албион. Попов нема да настапи за Македонија против Белгијците, а чудно е што „црвените ѓаволи“ не ги знаат ниту Пачоски, кој брани во белгискиот шампионат за Мехелен, ниту Тричковски, кој настапува за нивниот гигант Бриж. Никој од нив не го спомена ниту Николче Новески, од германскиот бундеслигаш Мајнц, Грнчаров и Лазевски, кои имаат настапи во Лигата на шампионите, Даниел Георгиевски од Стеауа…. Слични беа изјавите и на останатите белгиски репрезентативци, а тоа е дополнителен мотив за нашите репрезентативци, утре од 20.45 часот, да ги презентираат своите квалитети и да ги принудат Белгијците да ги запомнат нивните имиња.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top