Шесттемина вработени во Музејот на Македонија и еден приватен колекционер денеска добија вкупно 31 година затвор за кражбите во музејските збирки, пишува „Утрински весник“. Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 ги прогласи за виновни сите седумина обвинети за случувањата во Музејот на Македонија, а пресудата ја соопшти судијката Моника Бахчовановска.
Програмскиот директор и виш кустос, Златко Видески, обвинет за две кривични дела, судот го осуди на единствена затворска казна во траење од шест години и осум месеци, а Перо Јосифовски, поранешен директор на Музејот на Македонија, на 8,8 години затвор. Една година помалку од Јосифовски судот го осуди колекционерот Часлав Кузмановиќ, додека ракувачката на музејското депо, Софка Кушовска-Сафитли и Јован Кондилјанов беа осудени на по три години, а Дарко Кржовски и Андреј Ежов на по една година затвор.
Изрекувањето на казните предизвика бура од протести кај роднините и пријателите на обвинетите кои извикуваа „Послушници на режимот!“, „Судите во монтирани судски процеси“, „Ќе одговарате за ова!“.
Пресудата доаѓа по повеќе од една година од избувнувањето на скандалот. Исчезнувањето на вредните експонати беше забележано кога музејските збирки требаше да бидат преселени во новиот објект на Музејот. Истрагата покажа дека во музејското депо влегувале лица кои за тоа немале овластување и дека од депото биле изнесувани артефакти, чијашто цена е немерлива и бесценета. Јавното обвинителство излезе со тврдење дека од музејското депо недостасуваат 162 предмети од четири музејски збирки, особено од хеленистичкиот период.
Истрагата не ги откри извршителите на кражбата, но ги обвини вработените во Музејот за несовесно постапување во работењето или за злоупотреба на службената положба и овластување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


