Заборавените емоции што ги разбуди „Монтевидео“ ќе проработат уште еднаш со уште една спортска историска и успешна приказна од Југославија. Продукцијата што стоеше зад првиот спектакл работеше и на „Ќе бидеме светски прваци“, филмот што раскажува за основачите на познатата југословенска школа за кошарка и за првиот златен медал на Светското кошаркарско првенство во Љубљана во 1970 година.
Во филмот Сашко Коцев го игра легендарниот македонски тренер Лазар Лечиќ, кој за време на првенството му беше помошник на селекторот Ранко Жеравица. Тони Михајловски, пак, игра измислена филмска личност, продуцент во Радио-телевизија Београд, кој е задолжен за организирање на директниот пренос од првенството.
Михајловски, како што вели, е изнервиран што директорот на Македонскиот филмски фонд не го поддржа овој филм и земјата не е дел од копродукцијата.
– Сметам дека тоа е од национален интерес, сепак таа победа е победа и на Македонија. Навистина ме онерасположува што во неколку косовски проекти сме копродуценти како земја, а ниеден македонски актер не заиграл во тие филмови. Овде Сашко го игра Лечиќ, реален лик, Македонец, кој, навистина, бил дел од оваа победа. Од друга страна, пак, филмот е одличен од сите аспекти. Одлична екипа, одлична организација, обемно сценарио – вели Михајловски.
Иако само Македонија како земја не е вклучена во копродукцијата, сепак вистински учествуваше во овој проект, смета Дејан Милошевски од „Револушн продукција“, која се јавува како копродуцент на „Ќе бидеме светски прваци“.
– Издејствувавме во филмот да играат двајца наши актери, кои ќе зборуваат на македонски, а Даниел Кајмакоски, пак, да ја испее носечката тема на филмот. Исто така, делови од филмот се снимаа овде – вели Милошевски.
Според него, огромниот интерес за филмот се очекува да ги урне рекордите на гледаност и на „Монтевидео“.
– Од премиерата пред седум дена во Белград, филмот го погледнаа 145.000 гледачи, што значи има огромен интерес кај публиката. Очекувањата се дека ќе има 750.000 публика на Балканот, а, можеби, и повеќе. Интересот е голем и во Скопје, каде што неколку дена пред премиерата на 19 март билетите се речиси распродадени. Има и зошто, тоа е одлична историска приказна – смета Милошевски.
За Михајловски учеството во „Ќе бидеме светски прваци“ е остварување на уште еден сон.
Продуцентот со кошула од „Тетекс Тетово“
И Тони и Сашко зборуваат на македонски. Во едно од промотивните видеа, главниот уредник го прашува продуцентот (Михајловски) – каква е таа кошула. А овој одговара – „Тетекс Тетово“.
– Имав чест да работам со Дарко Бајиќ, со кого комплетирав една листа од одлични соработки со феноменални режисери како Срѓан Драгојевиќ и Дарко Лунгулов. Неговиот „Црн бомбардер“ остана како филм на мојата генерација, па и на следните, филм што порача многу – вели Михајловски.
За Сашко Коцев снимањето на филмот беше големо искуство со кое му се проширија многу видици и каде што создаде голем број контакти.
– Беше, навистина, тешко на снимањето бидејќи имаше, на пример пет Словенци, седум Хрвати и другите беа Срби, а јас бев сам и не познавав никого освен Сергеј Трифуновиќ, а ни мене никој не ме знаеше таму. Бев надвор од мојата комфорна зона, како да се вратив на почетокот, друго е овде каде што сите се знаеме, а друго е таму, мораш да се потрудиш и да се потпреш на својот интелект и талент. За среќа, мислам дека излезе одлично, беше навистина големо искуство да се работи со режисер како Дарко Бајиќ, со кого сме во супер односи, исто како и со продукцијата – вели Коцев.
Сашко играше мала, но значајна улога. Иако кратко ќе го видиме на големото платно, поголема застапеност ќе добие во истоимената серија.
– Ликот како лик не се појавува многу во филмот, но ќе има поголема застапеност во серијата, која почнува со снимање на 15 март. Филмот сѐ уште не сум го гледал бидејќи не стигнав на премиерата во Белград поради претстава, но верувам дека е успешен – вели Сашко Коцев, кој ќе биде дел од скопската премиера на филмот.
Михајловски вели дека не бил планиран за серијата, но многу е веројатно дека ќе биде дел од неа.
– Не ме планираа пред снимањето на филмот, но кога ги видоа моите карактеристики како актер, почнаа да се премислуваат. Тој мој неквалитет и неталентираност, како што во последниов месец многумина милуваат да ме опишуваат, веројатно ќе ми помогнат да играм и во серијата. Сѐ е можно… – се смее Тони.
Главните улоги во филмот им се доверени на млади актери – Небојша Поповиќ, кој како „првиот меѓу еднаквите“ го почна „кошаркарскиот бум“ во поранешна Југославија, го игра Страхиња Блажиќ, Милош Биковиќ е во улога на Радомир Шапер, претседателот на Кошаркарскиот сојуз на Југославија, Александар Радојчиќ го толкува ликот на Бора Станковиќ, кој беше првиот човек на ФИБА, додека Марко Јанкетиќ е во улогата на Александар Николиќ, творецот на југословенската кошаркарска школа, кој воспоставил специфична филозофија за играњето на овој спорт.
Режијата е на Дарко Бајиќ, сценариото го напиша Небојша Ромчевиќ, во соработка со Гордан Михиќ и со Огњен Свиличиќ, по идеја на Звонимир Шимунец, кој воедно е и автор, а продуцент е Дејан Петровиќ.
Премиерата на филмот во Скопје и во Битола е денеска, 19 март.
Пишува: Марина Костовска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.





