| четврток, 6 декември 2018 |

Во Рига отворена изложба на ракописното наследство во Европа

Во фоајето на Советот на општината на Рига е отворена калиграфска изложба „EPISTULÆ CHRISTIANÆ“ од авторот Георги Гоце Дуртаноски и неговите студенти од Летонската христијанска академија.

Претставени се голем број значајни ракописи на глаголица, кирилица и латиница како и ерменски, етиопски и коптски ракописи од Светото писмо.

„EPISTULÆ CHRISTIANÆ“ е уникатен христијански перформанс првпат поставен во зградата на општината на Рига во рамки на културните манифестации откако Летонија го презеде претседателството со Советот на Европската унија на 1 јануари 2015.

На отворањето на изложбата присуствуваа претставници од трите христијански конфесии во Летонија: православната, католичката и протестантската црква, а духовно пеење беше изведено од хорот на Летонската православна црква.

За значењето на христијанската мисија поздравна реч имаа: секретарот на Светиот синод на Летонската православна црква (Московска патријаршија) архимандритот Јанис (Сичевски), ректорот на Летонската христијанска академија проф. Скаидрите Гутмане и авторот на изложбата Гоце Дуртаноски.

Македонија е претставена со десетина вредни ракописи на глаголица и кирилица чии оригинали се наоѓаат во Ватиканската апостолска библиотека и археографската збирка на Националната библиотека во Скопје.

Георги Гоце Дуртаноски е основач и предавач по краснопис на Катедрата за стари писма при Летонската христијанска академија – единствена интитуција во Европа која ја негува христијанската уметност и вредности.

„EPISTULÆ CHRISTIANÆ“ е прва изложба на Дуртаноски на Балтикот за која тој поканил да учествуваат 11 негови студенти од Академијата. Тие добија дипломи за посебна креативност и нивно понатамошно усовршување во Германија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top