Луѓето со Даунов синдром мора да можат еднакво, со другите луѓе да уживаат целосни и еднакви права и како деца и како возрасни со можности и избори. Оваа годдина мотото на Светскиот ден на лица родени со Даунов синдром е „Мои можности, мои избори“, односно целосни и еднакви права и улогата на семејството.
Светскиот ден на лица родени со Даунов синдром се одбележува на 21 март и оваа година е десеттата годишнина од одбележувањето на Светскиот ден на Даунов синдром и двеесет и првата годишнина на Меѓународната година на семејството и токму затоа акцентот е ставен на улогата на семејствата и позитивниот придонес што тие можат да го направат во насока на тоа луѓето со Даунов синдром да уживаат целосни и еднакви права.
– Македонија страда од својот балкански менталитет. Сите ние имаме лични пречки и треба да ги надминеме. Мојот апел до сите е да бидеме поотоврени, да бидеме подобри луѓе и да ги прифатиме сите што се различни од нас. Затоа апелирам изнесете ги децата надвор, не кријте ги дома, не е ништо страшно ако имаат Даунов синдром. Луѓето треба да ги видат, не треба да се срамат од нив – вели Ида Мантон, претседателката на Центарот за Даунов синдром.
Во Македонија уште нема национален регистар на лица родени со Даунов синдром со кој ќе се знае колкав е бројот на овие лица.
– Затоа ние уште пред две години почнавме да ги собираме податоците и да ја полниме базата на податоци. Важно ни е колкав е бројот, од каде доаѓаат семејствата, каде живеат. Огромна е потребата да ги знаеме тие податоци, дали на тие лица им е потребно школување за да го подигнат својот живот на повисоко ниво. Затоа е важно да се најдат овие лица кои со години живеат изолирани. Луѓето треба да сфатат дека не е семејна трагедија ако во семејството има лица со Даунов синдром – вели Лилјана Алексова, координатор за аналитика во Центарот за Даунов синдром.
Утре, на 17 март, во Етносело, членовите на Центарот, во соработка со Меѓународното здружение на жени (ИВА) ќе готват со Андријана Алачки. Членки на ова здружение се жени од различни делови на светот кои моментално живеат и работат во Македонија.
– Драго ни е што јавните личности имаат чувство за лицата со Даунов синдром. Наш патрон оваа година е актерката Искра Ветерова, исто така јавна личност. Важно е луѓето да се запознаени со Даунов синдром и бариерите меѓу лицата што имаат 46 и 47 хромозоми да се помали – вели Мантон.
На 18 март во Кинотека на Македонија ќе се прикаже филмот „Најдолгите три секунди“ , каде што главната улога ја толкува Гоце Маринковски, првиот актер од Македонија со Даунов синдром. Режисер на филмот е Евтим Ѓаурски. Од Центарот најавија дека ќе присустува и Универзитетот ЕСРА, кој планира да отвори и драмско студио во кое може да бидат вклучени лица со Даунов синдром.
На 25 март Центарот ќе биде гостин на Македонскиот народен театар (МНТ) каде што ќе имаат можност да ја глеадаат претставата „Сината птица“, а претходно во Драмски театар ја гледаа детската претстава „Капетанот Џон Пиплфокс“.
Даунов синдром или трисомија 21 е хромозомско нарушување предизвикано од екстра генетички материјал во 21 хромозом.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ида Мантон, мајка на дете со Даунов синдром: Луциа не е тажна приказна, таа е мојата светлина!
-
Пандов: На избирачко место им ги снимавте личните карти и ги објавувавте или тие се од Пустец и не се луѓе?
-
Пожар во центарот на Скопје (фото)
-
Нина Костовска стана првото лице со Даунов синдром во Македонија кое дипломираше