| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на Антологијата „Поезијата на стара Јапонија“ во Магор

В среда (18 март) со почеток во 20 часот во кафе-книжарницата Магор ќе се одржи промоција на книгата „Поезијата на стара Јапонија“. Промотор на изданието ќе биде Владимир Мартиновски, а стихови од книгата ќе читаат Ана Голешка и Ѓоко Здравески.

Антологијата „Поезијата на стара Јапонија“ ги нуди најдобрите поетски дострели на јапонската поезија во периодот од 19 векови. Во неа се застапени речиси сите класични поетски форми во кои пишувале јапонските поети. Бидејќи јапонската поезија е нераскинливо поврзана со целокупната јапонска култура, сензибилитет и менталитет, оваа збирка може да се чита и како одличен приказ на суштината на јапонскиот човек од древни времиња до почетокот на модернизацијата на Јапонија.

Јапонија ја нарекуваат „Земја на изгрејсонцето“, „Земја на црешовиот цут“, „Земја на чајната церемонија“, „Земја на новата технологија“, но за Јапонија слободно би можеле да кажеме дека е и „Земја на поезијата“. Во класичната јапонска книжевност поезијата има привилегирано место. Јапонија е земја на поетски антологии. Уште од најстари времиња, поезијата се перципирала како нешто што е битно за паметење, како нешто што треба да биде зачувано за следните поколенија. Кога сакале да остават зад себе нешто вредно, јапонските владетели, наместо да градат палати и споменици, неретко нарачувале да се состават поетски антологии, кои се чувале како врвни артефакти за едно време.

Суптилниот избор и препев на Владимир Мартиновски нѐ носи на патување низ ова богато културно наследство, па слободно може да се каже дека читајќи ги чоките, танките, ренгите и хаикуата од старата јапонска поезија, имаме чувство дека за миг сме пренесени оваа земја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top