| четврток, 6 декември 2018 |

Заев објави уште шест прислушувани разговори

zaev-pres-9

СДСМ денеска на прес-конференција презентираше нови шест телефонски разговори, за кои како што тврди нејзиниот лидер Зоран Заев, се прислушувани од актуелната власт. Заев повторно побара оставка на Владата и преодна влада.

Презентираните разговори, според Заев, се помеѓу премиерот Никола Груевски и Миле Јанакиески и Дејан М. Урко и Сашо Мијалков. Лидерот на СДСМ тврди дека со снимките се докажува дека Груевски е сопственик на две парцели во Општина Центар со површина од 2.700 м2 и над 11.000 м2.

Според Заев, поради неговите интереси се менувале ДУП-ови во скопската Општина Центар и тоа Тасино Чешмиче 1 и Капиштец – Водно. Во првиот урбанистички план, како што кажа, се објектите Панорама и десеткатниците, додека во вториот урбанистички план се две локации над Панорама.

Првите локации, според него, добиле маркици за семејно домување со посебен режим, а сопственици се „Кара“ на Орце Камчев и офшор компанијата Ексико.

На другата локација, парцелите со вкупна површина од над 11.000 метри квадратни со три маркици за куќи, е во сопственост на Сирах Инженеринг, чијшто основач и сопственик е оф шор фирмата Сирах Лимитед од Белизе. Управител на таа фирма, според Заев, е близок пријател на Груевски.

Тој праша зошто Груевски на снимките зборува во шифри, ако не се прислушувало.

Најави дека СДСМ ќе продолжи со објавување прислушувани разговори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top