Министерството за култура прифати 45 проектои од 92 што аплицирале на третиот годишен конкурс за финансирање проекти од областа на креативните индустрии .
Жирито во состав: проф.д-р Митко Хаџи-Пуља, Роберт Јанкуловски, Андреј Бартлинг, Александар Ношпал и Беким Мемети, избрало проекти на вкупно физички лица (23) и на граѓански здруженија (22), меѓу кои и на здруженија за рехабилитација и едукација на лица со посебни потреби.
Министерката Елизабета Канческа-Милевска рече дека буџетот за третиот конкурс е 5.400.000 денари и оти се прифатени проекти кои промовираат различни иновативни уметнички форми и кои содржат препознатливи естетски вредности.
– Проектите се од областа на визуелните уметности (графички дизајн, мултимедијален дизајн); индустриски дизајн, дизајн на производи и моден дизајн; развој на нови медиуми; дизајн и интервенција во јавен простор; едукативни обуки и работилници, манифестации, фестивали и конференции/форуми во функција на понатамошен развој и стекнување нови знаења и искуства од областа на креативните индустрии, рече Канческа-Милевска.
Таа посочи дека креативните индустрии во последните години стануваат исклучително продуктивна и профитабилна област која нуди широк простор за презентирање на вештината, имагинацијата и талентот и нивно соодветно валоризирање на пазарот. Потсети и на донесената стратегија за креативни индустрии и на организираните тематски креативни работилници со учество на странски експерти.
Зборувајќи за критериумите за избор на проектите, членот на жирито Митко Хаџи Пуља рече дека проектот „Креативни индустрии“, кој се реализира три години, има влијание кое ги надминува вообичаените производно-економски аспекти и има поширок културолошки и социолошки одек.
Вредноста на овој проект на Министерството за култура, според Хаџи Пуља, е неговата едукативност.
– Иницирање идеја за нештата и спроведување на таа идеја. Педагошкиот аспект за мене е од особена важност. Квалитетот на проектите од година во година расте, како и неговата профилираност и прецизност, рече Хаџи Пуља.
На прес-конференцијата присуствуваа и автори на некои од поддржаните проекти.
Снежана Денковска од Занаетчиска комора Скопје рече дека трета година добиваат поддршка за обука за современи технологии во дизајнот и производството на накит.
Викторија Ланговска од Креативно студио „Преплет“-Скопје го претстави проектот „Кирилица применета на македонски дизајнерски производи“, чија цел е украсување секојдневни предмети (чаши, нотеси, декоративни перничиња..) со автентични македонски фрази.
Митко Занов од Валандово добил поддршка за модната колекција „Голата мугра“ за која рече бил инспириран од англосаксонската благородничка Лејди Годива и затоа, рече тој, во неговите модни производи доминираат бои на самракот и муграта.
Марија Ветероска-Трпкоски од Скопје го претстави проектот „Cycle recycle by Brum brum“ – предмети за домаќинство дизајнирани со природни и рециклирани материјали, чија додадена вредност е и во свеста за екологијата, во повторната употреба на предмети за отпад.
Александар Велиновски од „Јавна соба“ е задоволен од резултатите на работилниците за изработка на ентериер, на кои млади дизајнери изработија прототипови на современ мебел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Васо Ристов е „момче за се“ во културата: Можно ли е четири високи функции да обавува истовремено?
-
Министерството за култура ќе распише нови огласи за поништените седум конкурси за директори
-
Новиот закон за култура ќе има контрола врз темите, идеите и пораките што ги праќаат творбите и филмовите
-
Министерот за култура Асаф Адеми не го гледал филмот на Бојаџи, но според “трилерот” проценил дека е навредлив за Албанците