| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на Адријана Ананиева во Концепт 37

Изложбата „Деноноќија“ на Адријана Ананиева ќе биде отворена во Концепт 37 на 16-ти март со почеток од 20 часот. Повторно се соочуваме со делата и невообичаениот уметнички пристап на Адријана Ананиева. Нејзината прва изложба беше вистинско изненадување и освежување на традиционалната уметничка сцена која претежно ги повторува конвенционалните уметнички пракси. Но, делата на Адријана се работени во несвојствена техника која би била по својствена за сфаќањето на старогрчкото tehne, умешноста,занаетот, отколку за она што денес го нарекуваме уметност или fine art. Овие дела сепак зрачат со својата префинетост и нежност здобиена од рацете, иглата и умешноста на Адријана. Во своите рецентни дела таа делумно ја напушта симетријата, а акцентот е ставен на архитектурата, симболите, орнаментите, па дури и пејзажите, преку кој испраќа соодветна порака. Идеолошка, критичка, искажува став или мислење. Сепак и симетријата не е изоставена потполно во оваа семиотичка и фрактална какофонија,  совршено уредени пајакови мрежи, повторливи патерни, прецизни геометриски форми во различни впечатливи бои кои оддаваат ешеровска комплексност, но и еманираат со мир кој извира од сета нивна комплексност.

001

Чувството кое ве обзема додека ги гледате овие везови е вонвременско, еднакво чудно како што е чудно што самата техника е најпрвин отсонувана, а потоа применета. Буквално. Така сосема едноставно можете и вие да западнете во тоа вонвременско делирично чувство, патувајќи низ тие комплексни, од свилен конец извезени лавиринти, кои ете, би можеле да се метафора и на самиот живот.

003

Изложени се околу педесетина рачно изработени дела во техника хартија и конец, везена изработка, работени во период од една година по нејзината прва изложба.

002

Адријана Ананиева е професор по италијански јазик и книжевност со Американски студии на Филолошкиот Факултет “Блаже Конески” во Скопје. Има завршено Родови студии при Институтот “Евро-Балкан”, за потоа да продолжи со изучување правни студии, француски јазик, светска музика и слични курсеви на американско тло. Има работено како новинар, наставник, практикант, итн. Себеси се пронаоѓа најмногу во пишувањето и рачните изработки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top