| четврток, 6 декември 2018 |

Политички аудиовоајеризам

д-р Бона Лазар Бајрактарова

д-р Бона Лазар Бајрактарова, универзитетски професор

Слушањето туѓи телефонски разговори – аудиовоајерството (верувам – така се доживуваат „бомбите на Заев“), не е по вкус на македонскиот граѓанин; oсвен за тие што имаат некакви очекувања…

Во реалниот живот нема автентични репризи. Работите, што и да е во прашање, само еднаш се случуваат – оригинално. Ниту една реприза не може да биде иста – како премиерата.

СДСМ на домашната јавност ѝ приредува медиумска реприза на приватни телефонски разговори, најавувана повеќе месеци однапред, а преку интернет-преноси и пошироко! Приватните телефонски разговори се лична работа на секој поединец; недозволената реприза, а нивниот селективен приказ претставува уште поголема злоупотреба! Јавниот пренос на незаконски сниманите (телефонски) разговори, некогаш, од некого, е нарушување на личната слобода. Императив за вака создадените и здобиени материјали e – да дадат суд соодветните, компетентни државни институции; тие не се за во етерот!

Покрај вознемирувачкиот ефект од ова крајно спорно политичко дејство на СДСМ, експлоатацијата на незаконски прислушуваните телефонски разговори на функционери од власта, кои, според СДСМ се „главни актери“ во прислушкувачката афера (иако тие, всушност, се прислушуваните!), не го постигна посакуваниот ефект! Никој нема илузија, не верува дека прислушувачките репризи се автентични, дека не се дотерувани! Веќе има докази – признание на судски обвинет директен учесник во аферата, дека обезбедувањето на материјалите, кои во моментов се јавно експлоатирани, е извршено во интеракција со опозициската партија за да им послужи како политички лост и сламка за спас на неизвесната политичка иднина.

Може ли да се замисли во Германија прислушкуваните телефонски разговори на канцеларката Меркел од странска служба (неодамнешна информација од медиумите) да бидат јавно објавени?! Како би си поминал тој што ќе се дрзне да преземе такво дејство?! Можете ли да замислите таков глупав политички циркус во која било европска земја?! Таков акт не е можен ниту во најсмелата имагинација на нивните политичари! Зашто, усвоен им е принципот – проблемите да се решаваат во институциите на државата – не на улица или преку разгласна станица!

Во нашата држава, улога на разгласна станица, под влијание на опозицијата, презедоа некои медиуми и интернет-портали. Доброволно прифатија да бидат разглас на нелегално добиените приватни телефонски разговори! Самите се подложија на ваков вид девалвација станувајќи соучесник на главниот опозициски презентер! Белки ваквата активност не ја подведуваат под графата – истражувачко новинарство?!

Тоа што се случува во моментов, во државава, е или одраз на недоволното ниво на политичка култура кај актерите на овие штапски ТВ-шоуа, или на безнадежноста за доаѓање на власт; последното е основна причина за непромислените и деструктивни чекори на СДСМ. Девалвираат државни институции, девалвираат медиуми, личности, создаваат раздор во државата! Не веруваат во правното расчистување на сомневањата за незаконски дејства, ама аболицијата им стана манир, средство за дезавуирање на легалните правосудни институции!

Принципот на дејствување на СДСМ падна на најниски можни гранки, во стилот: лага повторена повеќе пати – ќе прозвучи како вистина, или – компромитирај личности, институции, а за демантот – кој чул, чул! Така функционира подолго време. Преку реторичко креирање на негативна слика за легалните државни институции и власта – да дојде до посакуваната цел!

На нормални избори не можат да победат! Изјавите на поединци во земјава дека власта ќе ја смен(ат)еле според српската – „ако не милом – силом“, кај македонскиот народ не поминува! Деструктивноста на „добронамерните“ опозициски политичари, аналитичари, новинарски пера… е штетна – и за СДСМ и за Македонија. Особено е разочарувачко сознанието дека некои, кои сте ги сметале за стамени столбови, се претвориле (или, само си го покажале вистинското лице) во непресметливи сценаристи – креатори на хаосот!

Вербалната војна продолжува! Но, јасно е дека ниту една деструктивна идеја/дејствување/реторика не може да биде доволно гласна за да го неутрализира одекот на сите тешки грешки на СДСМ направени во време на неговото владеење. Никакви „бомби“ – најмалку нелегалноприслушувачките – можат да имаат битно влијание во државата, врз народот, зашто намерата е прочитана: техничка, преодна, експертска влада… предвремени избори?

До кога ќе бидеме заложници на опозицискиот каприц – преку постојани, разновидни провокации да предизвикуваат вонредни (парламентарни) избори во државата – како скапа шанса за поправка на своите изборни дебакли! Доста со таквата практика!

Ако немаат подобра идеја, СДСМ и другата опозиција можат и да продолжат со наметнатиот аудиовоајеризам во државата! И така, луѓето веќе отрпнаа! Друго и не очекуваат од оваа опозиција… Ама, од македонските институции очекуваат правно, транспарентно разрешување …

ПС.
Форум на слободоумни патриоти? Критичари на Владата на „нивната партија“. Откако не им беа исполнети дополнителни функционерски желби од „нивното“ партиско раководство, се претворија во перфидни опозициски агитатори. Ќе ја спасувале државата – од сопствениот народ?!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top