Дарко Велковски е еден од најголемите таленти во македонскиот фудбал, а со одличните игри во Работнички се најде на радарот на италијанскиот гигант Интер. Деветнаесетгодишното момче има интересна спортска кариера, која ја почна како кошаркар, а потоа беше и ракометар, за целосно да му се посвети на фудбалот. Како 16-годишно голобрадо момче дебитираше за Работнички на европската сцена, против Транс Нарва. Потоа доживеа и несекојдневна трансформација од играч во средниот ред во стопер во одбраната на „романтичарите“. Сестран фудбалер со талент за неколку спортови. Умешно забива во кошарка, тренирал и ракомет, но, сепак, фудбалот и бубамарата имаат специјално место во досегашната спортска кариера на Дарко Велковски.
Селекторот Бошко Ѓуровски на гостувањето против Кина неочекувано те пресели од маневарот во одбраната. Како ја прифати трансформацијата од екстра-талент во средниот ред во играч на стоперската позиција?
Велковски: Искрено, целата ситуација ми дојде некако брзо и неочекувано. Едноставно, селекторот Ѓуровски ми соопшти дека ќе играм како стопер во македонската репрезентација против Кина. Од денешна перспектива и не е толку лошо. Ми помагаат техниката и физичките предиспозиции. Го користам искуството од настапите во маневарот, каде што почнав уште како дете, а и висок сум, што ми е предност во играта со глава. На крајот излезе неочекувано добро, иако сѐ уште ме влече да тргнам напред, да ја креирам играта, да упатам удар кон противничкиот гол. Задоволен сум како се развиваат работите, а досега сезонава постигнав и четири погодоци, што не е лош ефект за играч од одбраната.
Повеќекратниот италијански и европски шампион Интер најавуваше дека ќе те ангажира. До каде е таа приказна?
Велковски: Млад сум и имам трпение, иако засега нема конкретен чекор од италијанскиот клуб. Јас навивам за Милан, но би ми било чест да играм во редовите на лутиот градски ривал. Настап во Серија А е сон на секој играч, особено на млад фудбалер. Досега официјална понуда за да заминам во странство имало само од Металург Запорожје, но некако не ми се одеше во Украина. И ситуацијата таму потоа стана сложена, па некако излезе дека не погрешив што не заминав во Металург. Млад сум, не брзам никаде и единствена цел ми е да играм добро за Работнички и, секако, да придонесам во атакот на одбраната на двојната круна од лани и да се избориме за настап на европската сцена.

Вистински хит на социјалните мрежи беа фотографиите како забиваш во кошарка. Загуби ли овој спорт атрактивен играч?
Велковски: Многу ја сакам кошарката и кога имам слободно време, редовно играм. Имам и тренирано во Соколи, но, сепак, фудбалот ме влечеше повеќе. Постојано следам кошарка, особено НБА, а на крајот излезе дека бубамарата ми е попривлечна. Од кошарката ми останаа скочноста и добриот одраз, кои ми помагаат и во фудбалот. Фотографиите од забивањето ги пуштив сосема случајно, а имаше многу позитивни коментари. Тренирав и ракомет, сакам да играм и пинг-понг, така што можам да кажам дека сум сестран спортист, иако фудбалот ми е спорт број еден.
Дарко игра фудбал, а помалиот брат Мартин е ракометар на Металург. Има ли уште спортисти во семејството Велковски?
Велковски: Спортот е топ-тема во нашиот дом. Татко ми има играно фудбал, а мајка ми има допирни точки со модерниот балет, што делумно влијаеше и ние да се посветиме на спортот. Горд сум на настапите на Мартин во Металург. Има само 17 години, а веќе играше во Лигата на шампионите против моќниот Кил. Тој сосема случајно почна да тренира ракомет, а прерасна во голем талент. Тоа го истакнуваат и од клубот и од него очекуваат многу. Често играме меѓу себе, а како неутрални спортови за да си ги одмериме силите ги одбираме кошарката и пинг-понгот. Јас почнав со настапите на европската сцена против Транс Нарва во квалификациите за Европа лигата на УЕФА, а Мартин ме престигна со учество и гол во Лигата на шампионите во ракомет. Засега сѐ оди како по ноти, а се надевам дека ќе продолжиме успешно да ги градиме нашите кариери.
Работнички е во добра позиција за одбрана на двете титули. Кој е реалниот дострел во битка со финансиски помоќните Вардар и Шкендија?
Велковски: Ние сезоната секогаш ја почнуваме со позната цел, да се избориме за настап на европската сцена. Разликата во првенството не е голема меѓу нас и Вардар, изнесува само три бода. И Вардар и Шкендија се засилија со неколку одлични фудбалери, но предноста на Работнички е што го има истиот костур на тимот веќе две-три сезони. Во националниот куп играме полуфинале против Ренова, еден искусен состав што го елиминира Вардар. Не се откажуваме од двете титули. Напротив, јас сметам дека имаме солидни шанси двата трофеи да останат во нашите витрини. Имаме одлична атмосфера и хемија, со супер спој на младост и на искуство. Искусните Милан Илиевски, Баже Илијоски и Стефан Вујчиќ несебично ни помагаат во развојот и ни даваат огромна поддршка на нас, помладите. Работнички веќе си изгради препознатлив стил на работа, со успешна формула за промоција на млади играчи. Грото од тимот е составено од фудбалери под 25 години и талентите полесно добиваат шанса да играат. Јас дебитирав на 16 години, и тоа на интернационалната сцена. Играв во незаборавните натпревари против Анортозис, потоа и со Лацио, што е драгоцено искуство за млад играч и потврда за исправната политика за афирмирање талентирани фудбалери на Работнички.
Навиките останаа, головите не престанаа
Преселбата на стоперската позиција, сепак, не донесе големи промени во голгетерскиот табиет на Велковски. Навиките да напаѓа му останаа, а головите не престанаа. Против Турново во првото пролетно коло Дарко постигна прекрасен погодок со глава во англиски стил и стана најефикасниот одбранбен играч во домашното првенство. Има постигнато четири погодоци, со што е втор стрелец на Работнички зад напаѓачот Марјан Алтипармаковски (втор стрелец во првенството со 10 реализации). Статистички, пред Велковски е и Аце Стојков со 9 гола, но тој во зимскиот преоден рок го напушти Работнички и замина во Албанија во редовите на Скендер-бег.
– Ми остана навиката да тргнам напред, да упатам и удар кон противничкиот гол. При прекините секогаш сум во фаза на напад, а често изведувам и слободни удари, па се надевам дека ќе има уште голови во продолжението од шампионатот и во националниот куп – вели Велковски.
Тој е на делба на 12. место на листата на стрелци во Првата лига, што е одлична позиција за стопер.
(Разговараше: Зоран Поповски | Фото: Игор Ангеловски
Текст објавен во 131. број на неделникот „Република“, 6.03.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


