Аспарагусот претставува деликатес кој се користи свеж, во супи, сосови или конзервиран. Се смета за многу здрава храна за човекот затоа што содржи многу витамини, минерали, има ниска калорична вредност и голема моќ на чистење на организмот од масти и од други штетни материи. Тој е многу баран производ во западна Европа и не подлежи на квоти и на ограничувања. Точното потекло на аспарагусот не е познато, а најстарите пишани податоци за него потекнуваат од Грција 400 години пр.н.е. кога се користел како лек во медицината. Во текот на 14 и на 15 век нагло се раширил низ целиот свет. Аспарагусот се одгледува на многу места во светот, но, и покрај тоа, пред да се почне со негово одгледување, потребно е да се проверат и да се утврдат некои параметри кои се важни предуслови за квалитетно и за профитабилно производство.
Аспарагусот е култура со големо капитално вложување, а позитивен економски ефект се очекува дури во четвртата година.Трошоците се најголеми во првата и во втората година и најголем дел од нив се за набавка на квалитетен увозен расад, за систем за наводнување, за работна рака, за механизација итн. Во третата година просечните приноси се од 3 до 4 тони на хектар, во четвртата и во петтата година од 6 до 7 тони, од шестата, па натаму (во зависност од одржувањето на насадот) од 8 до 9 тони, што се смета за релативно добар принос. Поради тоа, многу е важно претходно да се направи добар план за управување и за стопанисување на фармата.
Поради осетливата природа на производот, местоположбата на парцелата со посев треба да биде лоцирана до блиски асфалтни или други пристапни патишта бидејќи при долготраен транспорт до собирниот центар производите може да претрпат одредени оштетувања. Собирно-пакувачкиот центар треба да биде на кратко растојание од посевот за да има можност за побрзо разладување на изданоците по бербата. Веднаш по сечењето (бербата) тие треба да се потопат во студена вода за да се разладат до 2 Целзиусови степени. Потребата за работна рака е голема во периодот на бербата, па расположливоста на работната рака во близина на населено место претставува предност кога се работи за поголеми површини.
Како многугодишна култура презимува во месест сочен ризом, од кој секоја година избиваат нови стебла. Подземниот дел од растението се состои од ризоми (подземни стебла), здебелени и влакнести корени. Здебелените корени имаат двојна улога на складирање резерви и вршење апсорпција. Влакнестите корени, кои имаат првенствено апсорпциска улога, настануваат од месестите корени. Тие изумираат секоја година, а нови се развиваат следната пролет. Ризомите и здебелените корени се развиваат за време на летниот и на есенскиот периоди, а во нив се складира најголем дел од резервите на храна која следната пролет се користи за пораст на пупките и за развој на изданоците кои се користат за исхрана.
Може да се размножува на два начина: со расад или со резница од стари насади. Најзастапено е размножувањето со производство на расад.
Во нашите климатски услови постои можност за производство на рано висококвалитетно производство на бел или на зелен аспарагус. За таа цел се препорачува избор на региони со повисока пролетна температура и подолготрајна сончева радијација. Тоа ќе овозможи да се почне со берба во почетокот на март.
Генерално, аспарагусот е прилично скромен во однос на потребите од хранливи материи, но за него важи правилото „најдобра храна е водата“. Друг важен аспект е дека почвата треба да биде ослободена од плевелите пред сеидбата со соодветен хербицид.
Еден од негативните аспекти на одгледување аспарагус е тоа што површината на која се одгледувал аспарагус не треба да биде повторно засадена во наредните 25 години. Досега не е познат третман со кој би се скратил овој временски период. Најдобра преткултура за аспарагусот се мешункастите растенија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Агенција за финансиска поддршка на земјоделството: Ако не ги искористевме парите ќе ни беа одземени од ЕУ
-
Праските скапуваат, министерот се весели: Николовски глув за проблемите на земјоделците, прв за виолина на уво (ФОТО)
-
Министерство за земјоделство: Субвенциите се исплаќаат редовно и целосно
-
УХМР: Временските услови погодни за земјоделски активности