Ако му направите услуга на лидерот, без проблем ќе ве чести компјутер. За снимка со подобар квалитет и со минимум еден пцост во неа, ќе ви купи и автомобил, а за дузина од нив ќе ви извади и виза за работа во странство. Ова би било кусото сиже на опозициската сказна за лидерот-добротвор, кој е вистински Дедо Мраз за децата на одбегнатите разузнавачи. Со секој чекор направен од вас, кој го носи поблиску до власта, или барем тој така проценува, добивате подарок. Макар бил и неговиот „ауди“ од 80.000, само за да избегате од државата. Ништо не е битно за овој современ Дедо Мраз, ни дали сте биле добар или лош, битно е да сте против „режимот“ и да имате два-три снимени разговора во џебот, секако, по можност со Ставрески или Јанкуловска. Лошата верзија на белобрадиот старец пред Нова година им порача на граѓаните да посакаат да падне власта, среќа никако, нагласуваше дека ја немало. Тогаш, лидерот го засени и Били Боб Торнтон во улогата на „Лошиот Дедо Мраз“, за по само еден месец да стане сериозна причина за загриженост и за брчки на лицето на Џим Кери. По десетината сериозни лаги, чиишто деманти, верувале или не, од интервју во интервју ги соопштува самиот, лидерот со своите постапки создаде опасен конкурент на ликот на адвокат Флечер Рид (Џим Кери), за кој актерот беше номиниран за „Златен глобус“. Небаре маѓепсан, лидерот добива наплив да ја каже вистината и да се дозакопа со нов автогол, исто како и Рид, кој по толку многу лаги, наеднаш мораше да ја зборува вистината. Филмот „Лажго, лажго“ е од далечната 1997 година, време со толку убави спомени за СДСМ – беа на власт, без опозиција, која во 1994 година ги бојкотираше изборите, но не резултатите и не обвинуваше за режим. Ех, златните години на транзицијата… Само една година претходно го партизираа судството со избор на повеќе од 600 судии во еден ден, а сега лидерот се жали дека ќе му суделе ВМРО-ДПМНЕ. Неговиот адвокат, пак, кривичната за проширување на истрагата ја достави до обвинителството, каде што ја исконтролира неговата мајка, која потоа испрати барање до неговиот дедо во Основниот суд, кој требаше случајот да ѝ го додели на неговата ќерка, судијка во Основен суд 2 и сопруга на адвокатот на Заев?! Токму така – судството, верувале или не, е партизирано…
Лидерот со црвени очи од слушање снимени разговори
Веќе по навика, лидерот кажа нов лапсус. Со измачен израз на лицето „призна“ пред македонската јавност дека црвенилото на неговите очи се должи на слушањето снимени телефонски разговори доцна во ноќта?! Како резултат на слушањето, на шега или не, но сите би очекувале барем „црвени“ уши, но, можеби, кога чита книга, утредента му брмчат ушите. Дека воајеризмот, сепак, е на цена на опозициската сцена покажуваат случувањата на социјалните мрежи, кои, дефинитивно, станаа антисоцијални. Февруарскиот поход на СДСМ резултираше со вистинска офанзива на лажни профили на „Фејсбук“ и нивните непресушни, максимално вулгарни коментари исполнети со омраза ги сардисаа „Фејсбук“, „Твитер“ и сите места каде што некој може да напише и да каже нешто. Тони Михајловски шегобијно им порача: „Кога ќе одите на митинг, не заборавајте да ги земете со себе и лажните профили. Ќе ве има повеќе…“ Овие воајери, кои демнат по социјалните мрежи, по правило, и во согласност со логиката на својот командант, кој го раководи овој февруарски поход, можете да ги препознаете по црвените уши, резултат на пробдеаната ноќ и на целодневното гледање во компјутерот. Последното интервју внесе голем немир и страв. Но не кај политичките опоненти, туку во сопствените редови. Најмногу се уплашија токму воајерите со црвени уши. Силен уплав им влеа лидеровата реченица во која кажа дека имаат разговори за уште четири години, секако, ако посакале да ги пренесуваат така. Тоа би значело дека воајерите би требало уште цели четири години да спијат пред компјутерите и да ја шират пропагандата за непостојниот режим, да ламентираат за загубената слобода, да пцујат…
44_23_44_11_2 (превод) лидерот што знае шифри
Интересен детаљ е фактот што ова е, најверојатно, и единствениот опозициски лидер на светот со кој можете да зборувате со бројки, т.е. со шифри. Како и секогаш во изминатите 10 пати во изминатите три недели кога си ги признаваше лагите, сега призна дека се „допишувал“ и со синот на Верушевски, му купил компјутер, а бил на ниет да им купи и автомобил затоа што со нивниот не можеле далеку да бегаат. Имајќи предвид дека нашите родители одеа до Германија, Полска и до Русија со „рено 4“, „сто и еден“, „фијат 1300“ и „пегличка“, прашањето е каде требало да патува доблесното семејство Верушевски, а мора да е во Европа. Шведска? Да, премиерот е левичар, шефот на дипломатијата Билд реагираше остро, а имаат и амбасадор, не амбасадорка, но дури и до таму се пристига со кој било половен автомобил. Најверојатно, уште еден непромислен муабет на лидерот, како тој дека со Верушевски во писмото зборувале „ќе видиме што со Жерновски“, но само за тоа дали ќе стоел зад него на прес-конференцијата за „бомбата“ затоа што веќе не бил лидер на ЛДП. Проблемот е во фактот што Жерновски тогаш и речиси две недели по писмото е лидер на партијата, смената доаѓа подоцна, а од каде, па и знае и дека нема да остане прв човек на ЛДП? Уште еден непромислен одговор или добра информираност на лидер кој комуницира преку гулаби и шифрирани пораки…
Додовска: Аферата во „холивудски фазон“ го допре дното
Несомнено е дека оваа политичка афера го допре дното на сите возможни дна со кои може да се послужи која било индивидуа или група во обидот да направи штета некому, вели доц. д-р Иванка Додовска од Правниот факултет во Скопје. Се почнува од непризнавањето на изборната легитимност, па сѐ до денес, и очигледно е дека СДСМ, предводен од ова раководство, успеа својата неспособност и неажурноста кон електоратот да ја пренебегне користејќи незрели, плиткоумни и крајно опасни средства, посочува Додовска.
ДОДОВСКА: Последните активности на опозицијата, предводена од СДСМ и од Зоран Заев, се уште еден, би рекла, суштински доказ за изнесеното. Би сакала да истакнам дека ценам дека е крајно непристојно воопшто да се дискутира за снимките од приватните телефонски разговори на поединци од општествената и од јавната сфера во нашата држава, за кои е сосема јасно дека се селектирани и во еден мошне добро спакуван, би рекла „холивудски фазон“, изрежирани и лиферувани во јавноста бидејќи тоа не само што е невкусно и дегутантно туку во исто време претставува и сериозно прекршување на уставниот поредок во Република Македонија, со што се нарушуваат најосновните човекови слободи и права, загарантирани за сите граѓани еднакво. Од тие причини, моето лично мислење е дека со ваквиот пристап кон државните и политички прашања на СДСМ предводен од Заев, навистина, повеќе од кога било не може да му се верува!
Го смета ли СДСМ народот за малоумен, со меморија на златна рипка од цели три секунди? И аферата и вокабуларот и спрегата со Верушевски, кој беше и главниот актер во 2001 година во аферата „Големото уво“ на претходникот на Заев, Бранко Црвенковски, се дежави. Додовска вели дека проблемот не е во меморијата на народот, туку дека е во СДСМ, кој не може да ја заборави УДБА.
ДОДОВСКА: Сметам дека во менталната матрица на СДСМ не постои во вистинска смисла на зборот концепт за граѓанско однесување и за лична одговорност, барем од сето тоа што го имаме видено досега од нивната партиско-политичка елита. Видете, тоа е сѐ уште еден многу силен и мошне затворен круг на дејствување, кој функционира по строгите правила на некогашната УДБА и во тој систем не можете да бидете сигурни ниту во насмевките, ниту во критиките, а најмалку во средствата со кои ќе се послужат за да ја остварат предвидената цел. Тоа што мене лично ме загрижува, не е дејствувањето на Верушевски и на другите актери во оваа афера, туку заднината и намерите на тие што ги поддржуваат овие нелегални дејства и кои, веројатно, сѐ уште не го презентираат докрај целосното сценарио, кое, очигледно, е насочено кон разнебитувањето на кревкото македонско унитарно државно ткиво.
Во однос на очекувањата за разврска на оваа квазиполитичка опозициска бурлеска, таа смета дека овие нелегални лиферувања на приватните телефонски разговори се дефокусирање на граѓаните, т.е. намерата е со сноп од искршени гранчиња да се сврти вниманието од шумата. Да беше поинаку, и да има вистински докази, тоа ќе го направеа во институциите на системот, а не да ја потценуваат интелигенцијата и моќта на расудување на народот.
ДОДОВСКА: Ваквиот пристап кон државните работи и начинот на кој во бранови се врши дерогирање на институциите на системот говори во прилог на тезата дека СДСМ има намера преку „крв и игри“ да се искачи повторно на државното кормило и да ја спроведе својата крајно недемократска политичка одмазда кон своите неистомисленици, како и, на крајот од краиштата, кон македонските граѓани, кои речиси неполна деценија упорно ѝ се опираат на неговата самопрогласена легитимност за водење на државата.
За Додовска, ова е срамно и, во исто време, крајно несериозно дејствување, кое на крајот на денот ќе остави несогледливи последици и големо негативното салдо, но предвидува дека овие процеси ќе бидат предмет на посериозна опсервација на некои идни поколенија, кои од една поголема дистанца ќе имаат можност да го дадат својот суд за причините поради кои македонското прашање остана неразрешено во 21 век!
Заев 15 пати рече Зоран Заев
Во рамки на последното интервју, лидерот на СДСМ дури 15 пати го изговори своето име зборувајќи за себе во препознатливиот стил на трето лице еднина. „Заев е крив? Ќе одговара!“ „Ако посегне по апсење на Заев…“ „Заев ги снимал граѓаните?“ „Заев да се инфилтрира во Петтата управа?“ „Доколку е до Зоран Заев, ви гарантирам дека…“ „Заев ако го има, најверојатно…“„Да ви ја соопштам казната завор за Заев?“ „Заев ако го има, најверојатно целиот материјал не е донесен кај Зоран Заев“. „Тоа што зависи од СДСМ и од Зоран Заев, гарантирам дека нема да излезе!“ Ова е само дел од говорот на лидерот, кој обожува за себе да зборува во трето лице еднина. Што лежи во заднината на оваа појава? Хрватскиот психолог д-р Владимир Груден за порталот „Дневно“ вели: Нивниот говор е гламурозен и тие сметаат дека се издигнале над обичниот човек, односно дека се нешто повеќе и посебни. Што се однесува на нивното заедничко дејствување, тие ќе функционираат, но се во постојан конфликт. Значи, кога такви три личности се заедно, тие се одлично се согласуваат, но кога едната ја напушта собата, другите две веднаш ја озборуваат. Личностите што зборуваат за себе во трето лице сакаат да постигнат поголема почит, а иронично е што, всушност, се нарцисоидни и многу несигурни во себе“. Психологот Мирјана Кризманиќ, пак, во истиот текст вели: „Детето во третата година од животот почнува да употребува ’јас‘, па логично е дека и 45-годишен човек не треба да зборува во трето лице еднина. Тоа е примитивен начин на изразување. Нормална, возрасна личност со просечни способности знае да каже ’јас‘, а тој што не знае… Па заклучете самите за каков капацитет се работи!“
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 131. број на неделникот „Република“, 6.03.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.