Обвинувањата за наводни изборни нерегуларности во 2011 кои ги презентираше на денешната прес-конференција лидерот на опозицијата Зоран Заев, всушност се истите оние избори кои Бранко Црвенковски и СДСМ тогаш ги признаа за регуларни без никакви забелешки. Во 2011-та година, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија близу 440.000 гласа, додека опозициската коалиција предводена од СДСМ освои 370.000 гласови, а тогашниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски ги призна изборите и обраќањето го почна со реченицата „Народот е секогаш во право дури и кога греши“.
-До сите граѓани упатувам благодарност што беа храбри и одважни да гласаат за нас. Огромна поддршка се 370.000 гласа. И покрај сѐшто се случуваше во изминаати 2 месеци, упатувам честитки до Груевски за изборениот резултат. Ако нè видовте што сè можевме да направиме со 18 пратеници, може да замислите што ќе може да направиме со 43 пратеници, рече Црвенковски признавајќи го изборниот резултат.
Вечерта по изборите и Радмила Шекеринска упати честитки до ВМРО-ДПМНЕ.
Тогашниот прв човек на опозицијата, Бранко Црвенковски му вети премиерско место на Велија Рамковски, сопственик на медиум, само за да има поддршка од телевизијата. Медиумите тогаш пишуваа дека Бранко Црвенковски му ветил премиерска фотелја на Велија Рамковски и притоа му забранил да кажува за ова ветување.
-Бранко Црвенковски му забранил на Велија Рамковски да кажува дека му е ветена премиерската позиција. Индиректно, оваа порака е пренесена преку посредникот Бранко Героски, по давањето на изјавата за весник. Забраната на Велија му стигнала во форма дека тоа не е добро и дека може да ги искомплицира работите. Велија ја прифатил наредбата на новиот шеф и одлучил да остане активен на полето на себепромоција, но без јавно да се фали со ветувањето на БЦ, пишуваа медиумите.
Дополнително, на пратеничките листи на опозицијата се најдоа повеќе новинари на А1 телевизија, како Сафет Бишевац и Ленче Николовска, со што се покажа вистинското лице на телевизијата која жолчно ја бранеше опозицијата. Исто така, постои и дилема дали Црвенковски и СДСМ добија попуст за рекламирање на телевизијата со ставањето на Бишевац и Николовска на добитни места на листите, трговија која јавно ја призна лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски, кој рече дека се договорил со Рамковски да добие медиумски простор по најниска цена, а за возврат ќе ставел новинарка на телевизијата на пратеничка листа.
По изборите, Антикорупциска објави дека кривични пријави ќе бидат поднесени против СДСМ, А1 и “Плус Продукција” поради крупни неправилности во финансиските извештаи и нивното ненавремено доставување до Комисијата. Тие информираа и дека кредитот од АД “Комерцијална Банка” кој СДСМ го подигна за да ја финансира изборната кампања е еден вид на “сива зона“.
На изборите за кои Заев денеска обвинува за нерегуларности, а кои беа признаени како регуларни од Црвенковски и Шекеринска, СДСМ организираше и таканаречени “чувари на победата“, кои вршеа притисок врз луѓе и требаше да прават скандали на изборите. Списоците на СДСМ, за 5-те најсилни членови беа лица гонети за тежок криминал. Од Министерството за внатрешни работи информираа дека е потврден идентитетот на лицата чии имиња се наоѓаа на “Списоците на чувари на победата“ кои до МВР ги доставија од ВМРО-ДПМНЕ, и дека 29 од лицата имаат криминални досиеја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.