| четврток, 6 декември 2018 |

„Продиџи“ на фестивалот „Си денс“

Светски познатиот електронски состав „Д Продиџи“ (The Prodigy), во среда на 15 јули ќе настапи на плажата Јаз во рамки на морското поглавје на „Егзит“ Авантурата и со што ќе ја надополни овогодишната прослава на 15. роденден на „Егзит“, како и неодамна освоената историска титула на „Си Денс“ (Sea Dance) за „Најдобар европски фестивал“!.

Премиерниот настап на Јаз, воедно е и светска ексклузива за Балканот, бидејќи „Продиџи“ во рамки на светската турнеја по повод промоцијата на новиот албум ќе настапува само на одбрани, најголеми европски и светски фестивали. Шестото студиско издание насловено „The Day Is My Enemy“ излегува на 30 март и доаѓа по албумот „Invaders Must Die“, со кој четврти пат по ред групата го освои првото место на британската листа на албуми! Во четврт век долгата музичка кариера, „Продиџи“ продадоа повеќе од 25 милиони албуми, а нивните спектакуларни концерти се препознатливи по нивната неверојатна еуфорија.

„Си Денс“ фестивал како дел од големата „Егзит Авантура“, оваа година ќе се најде рамо до рамо со светските фестивали на кои ќе настапи „Д Продиџи“, како што се британските гиганти „Ти ин д Парк“ (T in the Park) и „Ајл од Вајт“ (Isle of Wight), најмасовните германски настани „Рок Ам Ринг“ (Rock Am Ring) и „Рок Им Парк“ (Rock Im Park), австралискиот „Фјутур Мјузик“ (Future Music), белгискиот „Рок Верхтер“ (Rock Werchter), шпанскиот „Беникасим“ (Benicassim) и многу други. По 2013. година, кога го соборија рекордот на посетеност на главната бина на „Егзит“ фестивал со околу 40.000 еуфорични фанови, оваа година се очекува „Продиџи“ на првиот настап во Црна Гора да постави нови рекорди за Јаз по концертите на Мадона и „Ролинг Стоунс“.

„Продиџи“ всушност се Лиам Хаулет (Liam Howlett), Кит Флинт (Keith Flint) и Максим (Maxim), кои на концертните настапи ги следат и гитаристи, тапанари и други музичари. Дебитантскиот сингл „Charly“ се најде меѓу првите три најслушани во Велика Британија, што беше одлична увертира пред објавувањето на првиот албум „Experience“, таа година еден од десетте најдобри во Велика Британија. Но сè засекогаш промени еден од најважните албуми на 20. век „Music for the Jilted Generation“ со кои цели генерации израснаа на хитовите како „Voodoo People“, „No Good“, „Their Law“, „One Love“ или „Poison“. Следниот албум „The Fat of the Land“ донесе пробив на американскиот пазар и покрај британската, го освои и првото место на американската листа на најдобри албуми со хит сингловите „Firestarter“, „Diesel Power“ и неизбежната „Smack My Bitch Up“ проследена со контроверзен спот.

Подоцна и следните два албуми „Always Outnumbered, Never Outgunned“ и споменатиот „Invaders Must Die“ ги освојуваат првите места на топ листите, а „Продиџи“ го покренуваат и „Вориорс денс“ (Warriors Dance) фестивалот во Јапонија, кој година подоцна ќе го одржат и во славниот Милтон Кејнес (Milton Keynes) пред околу 70.000 фанови. Сето тоа беше надополнето и со одличниот концертен албум и ДВД/Блу-реј издание „World’s on Fire“, а дури две следни изданија на овој фестивал се одржаа во Србија, на Калемегдан во 2012. и на „Егзит“ 2013! Од Калемегдан сè уште се раскажува големата журка во бекстејџот кога славниот Скрилекс во просториите зад бината пушташе музика по концертот, додека Лиам, Кит и Максим се забавуваа со пријателите од целиот свет! Време е за првиот, историски настап во Црна Гора, за новите рекорди на „Егзит“ Авантурата и незаборавните анегдоти за бендот и патниците од целиот свет кои доаѓаат на Јаз!

Најпопуларната локација на минатогодишниот „Си Денс“ фестивал, „Денс парадајс“ плажата (Dance Paradise) од 15. до 18. јули ќе се претвори во европски центар на современата денс музика со некои од најсвежите електронски стилови со напредна продукција. Меѓу првите потврдени имиња се претставниците на популарната музичка платформа „Д саунд ју нид“ (TheSoundYouNeed), британското хит диџеј дуо „Бондакс“ (Bondax), ремикс мајсторот „Стар Слингер“ (Star Slinger), францискиот човек-бенд „ФКЈ“ (FKJ) и бејс (bass) хитмејкерот „ТЦТС“ (TCTS) од Манчестер. Ним им се придружуваат и членови на американскиот музички колектив „Кру Лов“ (Crew Love), фамозното бостонско диџеј дуо „Соул Клап“ (Soul Clap) трочлениот калифорниски бенд „ПилоуТолк“ (PillowTalk) и „frisco-disco“  диџејот Ник Монако (DJ Nick Monaco).

Влезниците за „Егзит“ фестивал се достапни по цена од 3.599 денари, а за „Си Денс“ фестивал 2.240 денари. Единствената влезница за повеќе од десет дена на „Егзит“ Авантурата од Петроварадин до Јаз, може да се набави за само 4.299 денари преку продажната мрежа на МКтикетс или во Југотон (Скопје, ГТЦ, прв кат). За сите кои сакаат покрај влезниците на време да го осигураат и сместувањето на двата фестивала, пакетите можат да ги најадат на сајтотwww.exittrip.org, официјалната туристичка агенција на „Егзит“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top