Роналдињо е еден од најдобрите фудбалери во историјата. Тојги освои Лигата на шампионите во 2006 година со Барселона и Светското првенство во 2002 со репрезентацијата на Бразил.
Двапати е прогласуван за најдобар играч на светот, во 2005 година и во 2006 година.
Тој, како што е практика во последно време меѓу големите фудбалски ѕвезди, го избра својот идеален тим.
Еве го изборот на Роналдињо:
На голот е Џиџи Буфон.
– Има многу добри голмани. Сите имаат добри и лоши моменти во кариерата, но никој не трае толку долго како Буфон
Десен бек е сонародникот Кафу.
– Тој е играчот кој има најмногу настапи за мојата земја. Во таква конкуренција каде што фудбалот е религија, тоа е огромен подвиг. Бев многу среќен што ја освои Лигата на шампионите со Милан. Би било неправедно играч од таква класа да не го освои најважното натпреварување.
Еден од најдобрите централни дефанзивци е Џон Тери.
– Игравме навистина многу важни натпревари против Челси кога настапував за Барселона. Против него е тешко да се игра. Се гледа дека е прав лидер и дека многу значи за тимот.
Тука, секако, е Паоло Малдини. Тој дури пет пати ја освои Лигата на шампионите.
– За него не треба да се трошат зборови. Игравме заедно во Милан и еден против друг. Тој е еден од најдобрите дефанзивци на сите времиња. И уште нешто, кога ја имаше топката во нозете, изгледаше како играч за врска, а не како стопер.
Погодувате, лево е Роберто Карлос.
– Ништо друго да не прави освен да извеедува слободни удари, вреди да се чува во тимот. Освен што имаше фантастичен шут од слободен удар, тој беше еден од најдобрите леви бекови во овој век и главна алка во тимот на Реал Мадрид во Лигата на шампионите.
Последен играч од средниот ред е Клод Макелеле.
– Тој ги правеше своите играчи од одбраната и од средниот ред посигурни во играта. Многупати сум го гледал, никогаш не одиграл слаб меч. На него секогаш може да се смета. Вреден играч како злато.
Во средниот ред е и Лампард.
– Френк Лампард беше фантастичен. Секогаш го посакувавме во Барселона, но, јасно, Челси никогаш не сакаше да го пушти. Импресивен фудбалер. Тоа што ме одушевува е бројот на постигнати голови како играч од средниот ред.
Кака е во тимот, но оној Кака од Милан.
– Не се снајде во Реал Мадрид, но јас го памтам од времето кога играше за Милан. Тогаш неколку години по ред беше најдобар играч на светот. Не беше можно да се спречи.
Место има и за Меси.
– За ништо не жалам во мојата кариера, освоив сѐ. Само ми е криво што подолг период не игравме заедно во Барселона. Зборовите не се доволни да се опише таквата магија.
Тјери Анри, исто така, му беше соиграч.
– Кошмар за одбранбените играчи. Брз, силен и со чувство за играта. Заедно бевме во Барселона и малку фалеше да отидам во Њујорк за да играм со него. Фантастичен напаѓач.
И на крај, Бразилецот Роналдо.
– Мојот идол. Со него ја освоив светската титула. Неверојатно е што никогаш не ја освои Лигата на шампионите, но тоа не ја менува ситуацијата. Најкомплетниот напаѓач на сите времиња. Бидете сигурни дека таков играч веќе нема да се појави – додаде Роналдињо на крајот на неговиот избор.
Гледајќи го составот, една чудна работа паѓа в очи. Неговата скромност не дозволи себеси да се стави во тимот. Можно ли е во ваква екипа да нема место за Роналдињо?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.