ДПМ одбележи 68 години од своето постоење. Според Вас, кои се основните мотиви за опстојување на оваа асоцијација на уметници со најдолга традиција во земјава, и пред кои предизвици е исправено ДПМ во новата општествена и културна констелација?
Смилевски: Факт е дека во различни периоди од развојот на општеството, покрај сите промени што ги носеше тој развој, ДПМ остана своевидна константа на стремежите и на интересите на авторите, кои во своите дела во најчист вид ги искажаа духовните специфики и вредности, традицијата, идеалите и стремежите на својот народ. Во изминатите, речиси седум децении, со начинот на своето дејствување, со творечките идеи и интелектуални промислувања и акции, ДПМ се јави како еден од главните презенти на македонскиот национален и културен идентитет. Потребата за неговото постоење се потврди не низ декларации за таквата нужност, туку во една работна и конструктивна атмосфера во која секој член на Друштвото, без оглед дали во одредени акции бил директно вклучен или не, го дели заедничкиот статус на соучесник во позитивните процеси. Оттука, ДПМ денеска е важен фактор на сцената на културните збиднувања со репутација што влијае на суштинското сфаќање на местото и на улогата на творецот, и сведочи за неговата присутност и за неговиот резон не само во сферата на творештвото, туку преку неа и кон други сегменти на нашето живеење.
Колку и на каков начин транзицијата се одрази на развојот на македонската писателска асоцијација?
Смилевски: Периодот што остана зад нас, меѓу другото, одбележан и со транзициските турбуленции, беше еден од најдраматичните и најсложени во кои работеше ДПМ од своето формирање до денес. Меѓутоа, и во една ваква кризна и изразито исполитизирана констелација, Друштвото успеа да го сочува својот дигнитет и да дејствува со јасно означено место и улога во сферата на културата. За сето ова свој прилог имаат сите членови на нашата асоцијација, кои покрај природните и разбирливи разлики, ја наоѓаат смислата и потребата за културна акција преку ваков начин на здружување на творците. Радува фактот што во една таква атмосфера се создаваат значајни литературни дела. Тоа што посебно треба да се истакне е тоа дека и во вакви кризни економски и политички ситуации во земјата и на глобален, меѓународен план, со ирационални притисоци од надвор, без преседан во историјата на народите и на државите, писателите силно создаваат. Тоа е еден исконски пркос на творецот: се пишуваат и објавуваат нови дела, се живее со творештвото, а тоа е, всушност, продолжена надеж. Во преносна и во буквална смисла на зборот, ваквиот творечки импулс ја потврдува вистината дека создавањето, всушност, е постоење.
Неодамна имавте средба со амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав. За што разговаравте?
Смилевски: Средбата со амбасадорот на Европската унија во Македонија, Аиво Орав, имаше еден извонредно важен предзнак: ова е тренд кога делата на македонските писатели сѐ почесто се преведуваат во другите јазични и културни средини. Со оглед на ваквиот позитивен процес, во разговорот беа посочени можните форми за користење на европските фондови за литература и за култура. На средбата стана збор за релациите на ДПМ со писателите од соседството и од регионот, како и за соработката на македонската писателска асоцијација со соодветните здруженија во земјите на Европската унија. Во овој контекст важен е податокот дека во 2002 година, на 17 Конгрес на европските писатели, одржан во Велика Британија, ДПМ беше примено во Европската писателска асоцијација. Со тоа ДПМ доби меѓународна верификација и признание, со своето полноправно членство во заедницата на европските писатели во кое членуваат 49 асоцијации од 28 земји од Европа.
Како ја оценувате активноста на ДПМ на меѓународен план?
Смилевски: Непосредно пред средбата со амбасадорот Аиво Орав, гостин во ДПМ беше Џон Ралстон Сол, претседател на Меѓународниот ПЕН-центар. На оваа средба се разви жива дискусија за местото и за улогата на писателите во актуелните случувања во светот и за состојбите во Меѓународниот ПЕН. За нас се важни овие контакти низ кои се артикулира соработката на меѓународен план на ниво на асоцијации, издавачки куќи, книжевни списанија и автори. Така, неодамна потпишавме договори за соработка со Здружението на писателите на Србија и со Сојузот на писателите на Бугарија, а во план е проширување и интензивирање на таа соработка, пред сѐ, во соседството и во регионот. Кога станува збор за презентирањето на одделни автори, во Домот на македонските писатели организиравме портрети на поетите Сергеј Главјук од Русија и Роман Кисјов од Бугарија. На босанскиот поет Абдулах Сидран ДПМ му ја врачи наградата „Книжевно жезло“, а донесе одлука ова признание годинава да му припадне на молдавскиот поет Николаи Дабижа. Да потсетиме и на тоа дека за свои почесни членови нашата асоцијација минатата година ги прогласи лауреатот на „Златниот венец“ на СВП, корејскиот поет Ко Ун, и српскиот поет Душко Новаковиќ.
Законот за хонорари предизвика бранувања во јавноста. Тој во меѓувреме претрпи неколку измени. Се чини дека авторите и преведувачите се најпогодени. Сметате ли дека тоа ќе се одрази на квалитетот на делата?
Смилевски: Друштвото на писателите на Македонија има став дека примената на законот за дополнителни давачки за авторска хонорарна работа, без оглед на извесните измени на кои потсетувате, ќе има контрапродуктивен ефект во областа на уметничкото создавање. Тргнувајќи од овој факт, ДПМ се придружи кон реакциите на многубројните уметнички здруженија, асоцијации и поединци, истакнати културни и творечки работници, во името на одбраната на достоинството на уметноста и уметникот. Во оваа смисла, Друштвото на писателите на Македонија смета дека дополнителните давачки за авторската работа ќе влијаат негативно на творештвото, а тоа е најмалку потребно сега, кога Македонија прави напори да се приклучи кон Европската унија, чиишто востановени стандарди се насочени кон стимулирање на креативните сили без кои сегашноста и иднината на светот се незамисливи.
Како прв човек на писателската асоцијација, како гледате на статусот на писателот во денешно време?
Смилевски: Во ДПМ настојуваме и успеваме да создадеме клима на дијалог и на толеранција, која води кон соочување со важните прашања за статусот на писателот, за неговото место и улога во културните и во општествените процеси, за достоен третман на книгата и за заштита на авторскиот труд. Сознанијата од таквата активност можат да бидат корисни во градењето и во практикувањето на глобалната стратегија за наоѓање вистински мерки и соодветен начин за стимулирање и за вложување во културата.
(Разговараше: Невена Поповска | Фото: Игор Ангеловски
Текст објавен во 130. број на неделникот „Република“, 27.02.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.