| четврток, 6 декември 2018 |

Едицијата „Македонски искушенија“ нуди научно верифицирани факти, аргументи и толкувања за македонската борба (видео)

Во Порта Македонија денеска беа промовирани нови дела од едицијата „Македонски искушенија“. Станува збор за  три нови наслови од капиталната едиција Македонски искушенија која нуди научно верифицирани факти, аргументи и толкувања за долгата историја на македонската борба за државност и самостојност. Проектот е произлезен од документарните филмови кои јавноста, во изминатиот период, имаше можност да ги види на програмите на Македонската радио телевизија и овозможува стекнување бројни сознанија за најзначајните процеси во поновата историја на Македонија, за борбениот код на македонскиот народ и неговата револуционерна и духовна сила во остварувањето на државотворните цели. Она што е можеби најважно е што проектот „Македонски искушенија“ е сведоштво за идните генерации, документ од кој младите и во иднина ќе може да црпат чувство на припадност, чувство на идентитет.

132540682

-Минатата година промовиравме 14 изданија од овој значаен проект , а денеска пред јавноста ги презентираме и новите три тома од шесттомната публикација “Македонија до 19 век”, публикацијата “ЦАР САМУИЛ” како и книгата посветена на “Букурешкиот мировен Договор- 1913година”. Прелистувајќи ги трите тома од шесттомната публикација “Македонија до 19 век”, секој од нас може да се наврати на почетоците на македонската историја, во јадрото на Горна Македонија каде започнува постепеното создавање и ширење на единствената централизирана, силна македонска монархија од Пердика до Филип ІІ и Александар Македонски. Токму таа енергија насочена кон создавањето на една нова култура, култура на обединети светови е преточена во посебна книга посветена на хеленистичката епоха, во која со поразот на последниот македонски крал Персеј под ударот на римските легии, во Македонија започнуваат вековите на доминација на римската култура, која на ова тло има оставено неброени уметнички артефакти, рече меѓу другото во своето обраќање министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

За едицијата говореше и нејзиниот уредник, Раде Силјан, кој истакна дека од македонската антика делата што ги промовираме денеска не водат во бурното македонско средновековие, во времето на создавањето, растот и трагичниот крај на Самуиловата држава.

-Токму минатата година се навршија 1000 години од битката на Беласица, која остана запаметена по суровоста со која византискиот император Василиј II им се одмазди на самуиловите војници. Споменот на самостојната средновековна македонска држава има оставено неизбришливи траги во македонската историја, кои најдобро се изразени низ македонските востанија од 11 век прикажани во овие исклучително вредни книги – востанијата на Петар Делјан и Ѓорѓи Војтех, рече Силјан.

За Владо Поповски да се познава сопствената историја значи да се биде свесен за процесите на индивидуалното и колективното зреење на генерациите кои се раѓале, растеле и умирале на македонската раскрсница на цивилизациите.

-Генерациите пред нас се паметат по трагата што ја оставиле зад себе. Тие ќе живеат толку, колку што нашето општество ќе дозволи да се откриваат, споменуваат и запишуваат овие монументални траги на минатите векови. Сите овие вредни изданија кои се доказ за нашето историско траење се авторски труд на повеќе еминентни македонски професори, историчари и проучувачи на македонската историја, кои својот професионален ангажман и работен век го вложија во истражување на минатото на нашиот народ, на неговиот трнлив пат кон достигањето на слободата, државноста и суверенитетот, истакна Поповски.

Автори на текстовите во овие три тома се: Зоран Тодоровски, Виолета Ачкоска, Тодор Чепреганов, Никола Жежов, Блаже Ристовски, Влaдо Поповски, Михајло Миноски, Мирјана Нинчовска и професорката Даринка Петреска, а главен и одговорен уредник на проектот е Раде Силјан.

На присутните им се обрати и премиерот на Владата на Република Македонија Никола Груевски кој рече дека „преку проектот „Македонски искушенија“ се дава целосен научен, литературен и филмски осврт, на повеќе историски теми, поединци и настани од македонската историја. Тоа е најмалку што можеме да направиме за денешните, но и за сите идни генерации. Да понудиме македонски поглед на нештата. Сите тие ќе имаат можност да се навратат на македонското минато, преку содржината која е обременета од разни пропаганди од современата македонска наука и визиолизирана преку современиот македонски документарен филм.“

Учесниците заклучија дека „со овие иницијативи се збогатува македонскиот книжевен и историски корпус и се афирмираат македонски значајни личности и настани кои оставиле длабока трага во повеќеслојната македонска историја.“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top