Најкорисниот кошаркар во Јадранската лига за сезоната 2012/2013, Александар Чапин, го засили македонскиот шампион МЗТ Скопје. Искусниот плејмејкер од денеска ќе почне да тренира со „металците“, а би требало да биде вистинско засилување за позицијата што е Aхилова петица за аеродромци веќе подолг период.
„Словенечкиот интернационалец Александар Чапин е новото засилување на плејмејкерската позиција за тимот на МЗТ Скопје Аеродром. Чапин има настапувано за ослични европски клубови, меѓу кои Крка, Телеком Бон, Гравелин Данкерк, Панелиноис, Реџо Калабрија, Цимберио Варезе, Паниониос, Локомотив Кубан, Жалгирис, Унион Олимпија и Турк Телеком. Сезонава Чапин ја почна во тимот на Будуќност, од каде што прејде во италијанскиот Јуве Касерта Баскет, за сега да стане нов член на МЗТ Скопје Аеродром“, се вели во соопштението на МЗТ Скопје.
Интересно во целата приказна е што Чапин беше многу близу до трансфер на почетокот од дебитантската сезона на МЗТ во АБА-лигата, но истиот во последен момент пропадна. Тогашниот тренер Александар Тодоров веќе ги имаше договорено деталите околу доаѓањето на Чапин, но трансферот во последен час пропадна, а Чапин истата сезона стана најакорисен играч во Јадранската лига како кошаркар на Раднички Крагуевац.
Во трка за ангажман на Чапин со МЗТ Скопје, според информациите од српските медиуми, бил и гигантот и поранешен европски првак Партизан од Белград.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



