На сцената на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ в четврток премиерно ќе биде изведена претставата „Приказни од шестиот кат“ според раскази од Драги Михајловски, а во режија на Деан Дамјановски. Сценографијата е на Кирил Василев, костомографијата на Елена Дончева, авторот на музика Сашко Костов, а настапува целокупнот ансамбл на велешкиот народен театар.
На денешната прес-конференција режисерот Дамјановски појасни дека одбрал раскази од неколку збирки на Михајловски затоа што, според него, во нив има доста драматизација, која тој успеал да ја вклопи во една кохерентна целина на некој принцип на колаж, монтажа.
– Расказите на Михајловски содржат една линија на постојано бришење на реалноста, оставајќи го читателот вчудовиден и сомничав кон сопствените сетила. Неговите збирки раскази претставуваат една невидлива граница меѓу реалноста и фикцијата, меѓу стварноста и фантастиката. Притоа авторот користи навидум толку едноставни работи, познати поими, места и ситуации од нашето македонско современо секојдневие: од скопските населби до родниот град на авторот, Битола. Случките на цела плејада јунаци од нашето секојдневие: железничари, келнери, судии, службеници, студенти, професори, кои сонуваат и мечтаат за еден друг, поинаков, можеби, посреќен свет на надворешен амбиент подложен на постојана промена – појасни Дамјановски.
Според него, како што во почетокот на 20 век патувањето низ просторот, времето, во самиот себе било основната метафора на западноевропската литература, така и во неговата драма Ричард, патува низ пределите на своето минато поминато во Македонија, во потрага по изгубениот свет и својата смисла на постоење.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.