| четврток, 6 декември 2018 |

Продолжува сослушувањето на девојката на Немцов

durickaja

Руската полиција продолжи со сослушување на девојката на убиениот опозициски политичар Борис Немцов, Украинката Ана Дурицкаја, соопшти нејзиниот адвокат.

Според него, таа е испрашувана за настаните што му претходеле, како и за самото убиство на Немцов во петокот малку пред полноќ на Големиот камен мост во центарот на Москва.

Дурицкаја беше со него кога засега непознат напаѓач пукаше во грбот на рускиот политичар, но не и во неа, па таа остана неповредена во ова убиство.

За независната интернет телевизија „Дожд“ таа изјвила дека не знае зашто се уште се наоѓа на руска територија и дека сака да замине во Киев, каде ја очекува нејзината мајка.

Во изјавата таа објаснила дека руските власти ја задржуваат во Москва од безбедносни причини. Нејзиниот адвокат изјави дека таа сака што е можно побрзо да отпатува, потврдувајќи дека руската полиција се однесува „сосема коректно“ кон девојката на Немцов.

Дурицкаја има 23 години и работи како фото модел. На полицијата и рекла дека три години е заедно со Немцов со кого била и вечерта кога тој беше убиен.

Според исказот на младата Украинка, Немцов (55) бил на вечера со Дурицкаја во еден московски ресторан, а потоа се враќале пеш до станот на рускиот политичар. Додека минувале по мостот, крај нив застанало едно возило и од него излегол еден човек кој почнал да пука, а потоа исчезнал.

Дурицкаја на полицијата и го опишала убиецот како „маж висок 170 сантиметри, со темна коса, облечен во фармерки и дебел џемпер“.

Таа рекла дека го држела Немцов за рака, кога наеднаш ги слушнала истрелите. Веднаш и се јавила на нејзината мајка во Киев, која е првата што дознала што се случило, а потоа ја повикала и руската полиција.

За телевизијата „Дожд“ таа изјавила дека полицијаците детално ја распрашувале, барале од неа секакви информации, ги провериле сите работи што ги имала со себе, како и дека посебно се интересирале за нејзиниот мобилен телефон и за сите разговори што таа дотогаш ги водела.

Полицијата, која распиша награда од три милиони рубљи (48 илјади долари) за откривање и фаќање на убиецот, во текот на изминатиот викенд извршила претрес во канцеларијата на Немцов во градот Јарослав, а бил сослушан и неговиот пратеник во локалниот Парламент.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top