| четврток, 6 декември 2018 |

Признанието на осомничениот за убиството на Немцов било изнудено?

Рускиот Совет за човекови права соопшти дека признанието на Заур Дадаев за негова поврзаност со убиството на опозицискиот политичар Борис Немцов, било „изнудено“.

Претставникот на Советот, Андреј Бабушкин во изјава за западните медиуми во Москва рече дека го посетил Дадаев во московскиот затвор и притоа забележал „повреди по неговото тело“. Според Бабушкин, тоа значи дека осомничениот бил „изложен на тортура“.

– Постојат повеќе причини да верувам дека Заур Дадаев ја признал својата поврзаност со убиството на Немцов под принуда и со примена на тортура – изјави Бабушкин.

Во текот на разговорот што тој го имал со Дадаев, осомничениот наводно рекол дека два дена затворските власти го држеле со торба преку главата и со лисици на рацете.

Во саботата тој беше уапсен во Ингушетија, а во неделата на првото судско сослушување призна дека учествувал во убиството на рускиот политичар.

На средбата со Бабушкин тој рекол дека во текот на судското сослушување сакал да каже дека признанието за вината било изнудено, но не му било дозволено да зборува.

Другиот осомничен, Шагид Губашев и натаму одбива да признае дека има некаква одговорност за убиството. Други три лица исто така се приведени под сомнеж дека се дел од некаков заговор за ликвидација на опозицискиот политичар.

Руската полиција ѕврди дека станува збор за „нарачано убиство“ и меѓу причините за тоа се набројува и одмаздата на исламските екстремисти за подршката што Немцов му ја давал на француското списание „Шарли Ебдо“.

Дел од поделената руска опозиција и блиските соработници на убиениот, пак, тврдат дека убијците се внатре во Русија и укажуваат дури и на руската Влада, објаснувајќи го тоа со намерата да се „заплаши руското општество“.

Борис Немцов (55) беше убиен на 27 февруари додека се шеташе со својата девојка Украинка низ Москва, дванесетина часови пред закажаниот митинг против „руската интервенција“ во Украина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top