Пратеничката на германскиот Бундестаг Карин Штренц изрази загриженост во врска со последните настани во Република Македонија поврзани со, како што вели, неодговорното однесување на опозицијата во обидот за недемократско преземање на власта.
Почитувањето на владеењето на правото, како што вели таа, е суштински поврзано со почитување на демократијата и со основните права. – Оттука, барам од Зоран Заев, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, да ги преиспита своите сериозни обвинувања кон Владата на Република Македонија бидејќи никој не може да биде осуден, освен ако не е обвинет во согласност со законот – изјави Штренц.
Според неа, политички мотивираното однесување не е прифатливо во која било форма на демократија. – Заканите на лидерот на опозицијата кон претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски не се соодветни за да се изрази коректна критика на власта – додава Штренц.
Таа посочува дека самополитичките аргументи и политичките програми поддржани од страна на граѓаните се демократските алатки за добивање избори во демократските земји.
– Остро ја осудувам вмешаноста на странски држави и на нивните разузнавачки служби и незаконското прислушување на највисоките политички претставници во Македонија за соборување на Владата. Не постои демократија и почитување на основните права без почитување на владеењето на правото и обратно – вели германската пратеничка.
Во изјавата Штренц го охрабрува политичкиот дијалог и укажува на неговата важност во решавањето на конфликтите повикувајќи на одговорно однесување на опозицијата во Македонија, со целосно почитување на демократските правила на политичкиот систем.
Карин Штренц е пратеничка во германскиот парламент – Бундестаг од Христијанско-демократската унија на канцеларката Ангела Меркел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.