Повеќе години, особено последниве пет-шест месеци, со почетокот на активностите на т.н. студентски пленум (во друга форма и начин најавени уште на почетокот на 2014 година?!), професорскиот пленум (имало и средношколски пленум; недостига пленум на основците – да протестираат против бесплатните учебници /???/, поединци во државава – новинари, професори и други профили -реторички го интензивираа говорот „против говорот на омраза”… Ама, со практикуваниот речник – самите, длабоко заглавуваа/т/ во него. Безброј изречени небулози, неверојатни конструкции. Премиерот (и ВМРО-ДПМНЕ) им е дежурен виновник за сè! Веројатно затоа што е – премиер, тој, а не некој друг*.
Не ми е целта да арбитрирам, да се ставам на чија било страна, ама, прашувам – кој е резонот, со омраза да се борите против омразата.
* Во деведесеттите години (доајен) ме посети во работниот кабинет за да ми каже и да ме праша за согласност да ме предложи во значајно тело на наше, во тоа време заедничко, еснафско здружение. Беше голема чест за мене, особено што лично не се познавав со постариот колега! Неговата намера, да го извести мојот претпоставен за предлогот, заврши со разочарување за него од добиениот одговор – а, јас да ви предложам некој (друг)? Коментарот на колегата, за вчудовиденоста од односот што го доживеал, ќе го прескокнам… Бирократската желба на претпоставениот не беше исполнета – бев избрана…
Личното пасивизирање во секојдневниот живот на одредени полиња, своеволното игнорирање важни настани во земјата, самоизолирањето – никој нема право да го претставува како поделеност (на народот) во државата!
Мене никој не може да ме спречи, на 8 Септември, со целиот народ да ја славам независноста на мојата држава; па, кој сака нека е на власт! Ама, актуелната опозиција – не слав/еше/и со својот народ. Сиот респект кон исклучоците!
Самоизолирањето на политичките елити кога не се на власт е практика во Македонија. Барем досега. Како да се објасни инфантилноста на таквото однесување, освен со нивото (развојно) на нивната политичка култура?
Говорот на омраза го труе нашето општество – во последно време, посебно. Нервозата од опозицискиот статус, многумина од нив, и нивни поддржувачи со загубен привилегиран статус на кој биле навикнати, ја манифестираат преку јавно користење несоодветен, проблематичен говор кон противничкиот политички табор – но и кон нивните (позициски) поддржувачи! Се слушаат жестоки навреди, какви од цивилизирани (уште и академски?!) граѓани, не би очекувале. Да се срамите од употребениот речник во писанија, пренесени ф-статуси на опозициски интернет-портали; невиден, крајно вулгарен речник; за фашизоидните фотомонтажи да не зборуваме! За ова нема друг квалификатив освен – говор на омраза! (Слободата на говор не подразбира право – да ги повредувате правата на другите!) Најстрашно во сето ова, според мене е, што говорот на омраза го пренесуваат на нивните (опозициски) поддржувачи, во народот! На тој начин, во својата политичка борба за власт ги инволвираат граѓаните, антагонизирајќи ги врз основа на политичката ориентација, што всушност е лична, демократска определба – право на секој граѓанин.
Секаде во светот постои опозиција, се бори за власт, можеби паѓа и по некоја политичка навреда.. Моето куче… подобро знае економија од… (мојот противкандидат, м.з.) – беа зборовите на еден поранешен претседателски кандидат во САД – искажани во предизборната реторичка битка! Ама толку! По изборите – нормално однесување! Во Англија, Маргарет Тачер, железната леди владееше повеќе од една деценија; имаше протести против нејзината политика, ама од опозиционерите или нивни поддржувачи, од неистомислениците, никогаш не беа применети недолични вербални расправии**! Никогаш! А, во земјава, незадоволството од опозициската позиција ја изразуваат токму на таков начин, создавајќи отпор и омраза – на ист начин и кај своите приврзаници***. Тоа е погубно за сите во државата; се разбира, најмногу за самата опозиција.
**(На настаните од фамозниот 24 декември им претходеше токму такво однесување; од страна на опозициските пратеници гледавме/слушавме лични навреди од секаков вид – вербални, физичко наднесување – кон мнозинските-позициски пратеници; и, сè заврши така како што заврши; ТВ-преноси од работата на Комисии или самото Собрание!)
*** Во контактна ТВ-емисија, деновиве, приврзаник на опозицијата (според впечатокот – се работеше за млад човек) со огромна омраза, јавно им се закани на сите поддржувачи на актуелната власт – што ќе ги снашло кога тие ќе дошле на власт? Страшно, непријатно беше да се слуша! Потсетуваше на – …ќе јадеме живи луѓе…
Читам, некои во државава се срамеле од лекари, професори, актери, интелектуалциуспешни, препознатливи во доменот на своето делување!); немало никогаш да им простат (ниту на Прочка?!) Можеби затоа што не мислат како нив (како опозицијата)?!
И јас се срамам почитувани мои… ама не од тие што мислат поинаку од мене! Се срамам од тие што жалејќи се од својата држава надвор – кај надворешни „фактори“, прават да се чувствувам понижено; се срамам од нив зашто го нагризуваат моето достоинство како граѓанин на Р.Македонија, достојно почитувано секаде, надвор (во респектабилни странски институции од мојот домен)!
Се срамам од тие што сеат омраза; што го подбуцнуваат народот и странците (кај кои може да им помине?!) против легално избраната власт на Р. Македонија!
Се срамам од таквите! Зaтоа што го нагризуваат достоинството и суверенитетот на сопствениот (мојот) народ и држава! Затоа што се подготвени да нѐ изместат од своето, да нѐ детерминираат географски, да нѐ закитат со географски идентитет!
П.С.
За жал, сите се согласуваме дека во државава некои практикуваат говор на омраза!
А, ЗНМ? ЗНМ гледа сеир. Со едното око, на едната страна; и после – кредибилитет?
И МАН не може да биде амнестиран; мора да биде поактивен во осудата на говорот на омраза, од која и да е страна!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



