| четврток, 6 декември 2018 |

Се проверуваат најмалку пет верзии за убиството на Немцов

Руската истрага проверува најмалку пет можни верзии за убиството на опозицискиот политичар Борис Немцов, соопшти Истражниот комитет на Руската Федерација. Меѓу нив се провокација со цел дестабилизација на политичката состојба во земјата, трговска дејност, лична пресметка, поврзаност со случувањата во Украина и исламистичко-екстремистичка операција.

Што се однесува до мотивите за злосторството ликот на Немцов можеби станал своевидна сакрална жртва за оние, кои не се воздржуваат од какви било методи за постигнување на своите политички цели. Детално се истражува и верзијата за евентуална исламистичко-екстремистичка операција. Истрагата располага со докази дека Немцов добивал закани поради ставот во однос на убиствата во редакцијата на сатиричниот неделник Шарли ебдо во Париз, се наведува во соопштението на Комитетот.

Се проверува и верзијата поврзана со случувањата во Украина. 

– Не е тајна дека меѓу двете завојувани страни има мошне радикални елементи, кои не се потчинуваат на ничија власт, додава Комитетот.

– Не се исклучени ниту верзиите поврзани со трговската активност на Немцов и некаква лична пресметка со него, како и други битни верзии. Сите тие ќе бидат детално истражени, се додава во соопштението.

Иследниците сослушуваат сведоци и очевидци на убиството.

– Освен придружничката на Немцов, која се наоѓала со него на Големиот Москворечки мост има и други очевидци за тоа злосторство, кои ги даваат своите изјави – соопштуваат иследниците.

Експертите работат и на откривање на телефонските врски неспоредно до и во моментот на убиството, поврзани со местото на негово извршување. Се анализираат и снимките од видеокамерите по целата маршрута на движење на Немцов.

Убиството веројатно е извршено со пиштол „макаров“. Од местото на несреќата се земени шест шаржери со калибар девет милиметри. Истрагата нема никакво сомнение дека убиството е планирано и локацијата на која е извршено не е случен избор.

Немцов беше застрелан кусо пред полноќ на Големиот Мосворечки мост покрај ѕидините на Кремљ и Црвениот плоштад со неколку куршуми од бел автомобил во движење. Четири куршуми завршиле во грбот на политичарот, кој бил во прошетка со својата пријателка. Тој починал на самото место.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top