На 24 февруари светата православна црква го празнува денот на свети Ѓорѓи Кратовски, кој на овој ден во 1515 година, во Софија, бил мачен, а потоа запален на 18-годишна возраст. Ѓорѓи бил кујунџија и оттогаш станал заштитник на златарите. Годинава се навршуваат 500 години од неговото запалување.
По повод христијанскиот православен верски празник Свети маченик Ѓорѓи Кратовски, во Кратово, чијшто заштитник е токму овој светец, се одржува црковно-општонароден собор. По црковната процесија што се одржува во истоимената црква посветена на светецот, на плоштадот се одржува богата културно-забавна програма дополнета со спортски содржини.
Кратово, кој за свој патрон го има Ѓорѓи Кратовски, е мал живописен град во североисточниот дел на Македонија, познат како жив музеј. Лоциран е во кратерот на изгаснат вулкан, од каде што произлегува неговото име. Кратово во време на Римското Царство било познато под името Кратискара, и било град богат со неколку рудници на злато и со многу дуќани каде што се продавало излеаното злато во форма на монети и на златен накит.
Кратово се нарекува и град на кулите, мостовите, римските рудници, старата чаршија, град на прекрасни цркви и манастири изградени уште во 14 век, Кратово е град на св. Горѓи Кратовски, и е еден од најстарите градови во Македонија. Прекрасната природа, чистиот воздух, старата архитектура, културно-историските знаменитости, гостопримливоста и посебната кратовска кујна, го вбројуваат оваа гратче во една од најпосетувани туристички дестинации во Македонија.
Црквата „Св. Ѓорѓи Кратовски” е сместена во старите гробишта. Таа е посветена на единствениот маченик прогласен за светец од Кратово од 16 век. Во негова чест и слава и во чест на зачекорувањето во третиот сехристијански милениум, Советот на Општината Кратово го прогласил празникот Свети Ѓорѓи Кратовски за патронен празник на градот,а се слави на 24 февруари, а светецот Ѓорѓи Кратовски станал симбол и заштитник на градот и на општината.
Заслугата на св. Ѓорѓи Кратовски се состои во неговиот отпор и непримањето на муслиманската вера, наметната од тогашната турска власт. Поради тоа, тој бил запален на клада на плоштадот во Софија во 1515 година, а поради неговото дело подоцна православната црква го прогласила за светец. Во негова чест верниците од Кратово ја изградиле црквата „Св. Ѓорѓи Кратовец“ во 1925 година.
– Св. Ѓорѓи Кратовски остави вечна порака за Македонецот како се брани својата татковина, како се победуваат човечките страдања, како се здобива човечката храброст и како се добива последната победа на земниот живот со силната љубов и вера во Божјата вечна правда и својот народ. Светот е преполн со неправди, мачења, убиства, гробови и со мирис на распадливоста. И кој може сето тоа да го поднесе? Само тој во чиешто срце престојува и живее Христос – вели отец Блаже Крстевски во својата беседа по повод 500 години од запалувањето на Ѓорѓи Кратовски.
Житието вели дека свети Ѓорѓи Кратовски е роден во 1497 година во Кратово од родители Димитрија и Сара. По желба на родителите, по завршувањето на училиштето тој почнал да изучува кујунџиски занает, кој во Кратово во тоа време бил популарен и поради рудниците. Набргу станува познат мајстор. Во тоа време турските власти собирале таканаречен данок во крв, за пополнување на војската што напредувала кон Европа, собирајќи војници-јаничари. За таа цел барале млади и способни деца. Знаејќи дека во Кратово нема да остане долго незабележан, решил да замине во Софија, надевајќи се дека поголемиот град нуди повеќе можности да остане незабележан. Така преку Ќустендил, Радомир и Перник, Ѓорѓи пристигнал во Софија. И тука поради способностите набргу се здобил со углед и бил забележан и од Турците. Му биле понудени благодатите на царските власти под услов да ја смени верата и да го прифати исламот. Но, Ѓорѓи Кратовски без размислување го одбил поради што бил ставен во затвор. Ја бранел верата Христова поради што бил мачен, а потоа и запален на 24 февруари 1515 година. На 8 јуни (нов стил) моштите на св. Ѓорѓи Кратовски биле пренесени во црквата и овој ден светата православна црква го празнува како втор празник поврзан со името на овој светец.
Според кажувањата на постарите кратовци, сликата на овој маченик била пронајдена под тулите при реновирање на куќата за која се верува дека во неа живеел св.Ѓорѓи. На неа, според кажувањето, пишувало „Ова е мојот син, запален заради Христа во Софија“. Сликата била однесена од жената по име Мара Лопка, која ја купила куќата, во црквата посветена на овој маченик, која се градела во тоа време во Кратово и била предадена на тогашниот архијерејски намесник, свештеникот Никола Јовичевиќ.
Подоцна зографот Димитар Папрадишки сликата ја пресликал во црквата на „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Кратово на иконостасот, како и во црквата „Раѓање на Пресвета Богородица“ во Скопје. На оваа икона светиот великомаченик Ѓорѓи е претставен во староградска облека. Дел од моштите се чуваат во манастирот „Мала Ремета“ во Србија на Фрушка Гора, во дрвено ковчеже. Во времето кога се родил свети Ѓорѓи, Македонија и Бугарија веќе околу еден век се наоѓале под турско владеење. Со своето мачеништво, кое многу бргу се прочуло среде поробените христијани, тој станал синоним за отпорот против присилното исламизирање.
На иконите св. Ѓорѓи Кратовски е претставен како голобрадо момче во кошула со крст во десната рака и со маслинова гранка во левата. Над ореолот има напис: „Свети Ѓорѓи, кој настрада од Селим“. Неговиот лик бил насликан во црквата „Св. Ѓорѓи“ во с. Патралица – Кривопаланечко, во манастирот „Студеница“ и на други места. Во црквата „Света Богородица“ во Скопје бил претставен со крст во десната и со книга во левата рака.
Од 17 век е сликан во национална носија. Култот на св. Ѓорѓи Кратовски од Македонија се проширил и во Србија, Бугарија и во Русија.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 129. број на неделникот „Република“, 20.02.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.