| четврток, 6 декември 2018 |

Кратово го враќа сјајот на Тодорица!

Можеби помладата генерација кратовци не памети како изгледала прославата на Тодорова сабота пред 20 или 30 години, но постарите жители на Кратово одлично паметат каква фешта се случуваше на плоштадот. Река народ од автобуска станица па се до Пошта, тапани и свирки на 2-3 места, оро и веселба на секој чекор, распламтена скара и мирис на колбаси и плескавици. Посебна радост за помалите беше „шеќерната вуна“, тој сладок специјалитет кој ги мамеше децата првпат да го вкусат во својот живот. Посебни емоции буди стариот ситен Ром, кој секоја година на Тодорица ќе ја поставеше гајбата со шишиња, и ќе ги натераше гостите барем еднаш да си ја испробаат среќата и да ги фрлат малите крукчиња кои требаше да завршат на грлото од шишето за да се лапне некоја од наградите.
Овој празник Кратово го слави со векови, барем така кажуваат старите кратовчани кои подобро ја знаат традицијата и историјата на старо Кратово. Да не дозволиме, посебно помладата генерација кратовчани, овој празник познат како Тодорица да исчезне, да се минимизира неговото традиционално значење за Кратово. Кратово ги повикува граѓаните од цела Македонија да дојдат во градчето на кулите и мостовите, да уживаат до доцна во ноќта, да го почувствуваат духот на Свети Теодор Тирон.
Времето е убаво, сонце блеска над Кратово, ми доаѓа да воскликнам: Сите на плоштад!

 

извор: aberdzija.com

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top