Вашите тези да бидат потврдени од влијателен американски експерт за Европа е чест за секој новинар од регионот, но нема време за гордост. И Јанош Бугајски се плаши дека главната причина за грчкото вето за Македонија во НАТО и во ЕУ е руското влијание кое, иако тој не го поставува на тој начин, треба да доведе до подобра позиција на Кремљ на Балканот.
Дали таа ќе биде искористена како противтежа на американскиот ракетен штит во Романија и во Бугарија кога за тоа ќе дојде време или, пак, Русија се подготвува преку своите врски во регионот да обезбеди глас во ЕУ е помалку важно. Намалениот интерес на САД да ја убедат Грција да дозволи влез на Македонија во НАТО и во ЕУ предизвика отворена врата за руско влијание во регионот. Енергетските капацитети и планови на Путин се одлична можност земјите од Балканот, тргнувајќи од своите интереси, во исто време да се залагаат за евроатлантски интеграции и да преговараат со Русија за евтин гас и за нафта. И на тоа никој не може да стави забелешка затоа што низа други европски земји се во иста ситуација, наметнуваат санкции за Русија, а во исто време не ги исклучуваат вентилите со руски гас кој грее една четвртина од европските семејства. Во својата анализа за Русија како главен спонзор на грчкото вето за Македонија не напишал за уште еден важен настан што се случи неделава, а кој може да ги загрози регионалните поставки по што ни три конференции за западен Балкан организирани од германската канцеларка Ангела Меркел нема да ги среди. Неколку дена откако Меркел се сретна во Будимпешта со домаќинот Орбан и, според медиумите, откако побарала од него да биде внимателен со блискоста со Русија, унгарскиот премиер го дочека Путин како најголем пријател, дури можеби поголем и од Обама. За нас таа средба е важна затоа што по неа разбравме дека новиот руски енергетски коридор „Турски тек“, кој требаше да носи гас до грчката граница, треба да продолжи на север кон Европската унија. Унгарските извори открија дека гасоводот треба да продолжи кон Македонија, па преку Србија да дојде до Унгарија, од каде што и други европски членки ќе можат да се снабдуваат со евтин руски гас. Покрај Ципрас, кој со своите нелогични чекори од темел ги разниша тешко договараните европринципи, Брисел сега се соочува со уште еден неконвенционален лидер на земја-членка на ЕУ кој сака да води автентична национална политика во која интересот на земјата е во прв ред. Заедничко за двајцата премиери Орбан и Ципрас е што пред очите на Меркел, Камерон и на Оланд кокетираат со Путин, за кого, пак, е тешко да се замисли дека има други интереси освен послаба Европска унија која ќе биде полакома за руските енергенти.
Македониjа мора да jа води интересот, а не инаетот и емоциите
Македонија од логични причини не е во кругот на европски русофили, пред сè, поради своето јасно стратегиско партнерство со САД и со ЕУ, каде што иако не е примена се гледа како членка еден ден. Дополнително, Македонија во сите овие девет години откако стана земја-кандидат за ЕУ, и покрај исполнувањето на критериумите за почеток на преговорите, ниту еднаш не се обиде да кокетира со Русија за да оствари подобра преговарачка позиција. И покрај тоа што кај некои земји таквите уцени помагаат, земјата ни сега не треба да влегува во какви било посебни врски со Русија, освен ако тие не се строго комерцијални. Изодувањето на патот што го почнавме во 2001 година во Загреб не смее да запре, не само поради партнерството кое сакаме да го градиме со тие што шест години нè чекаат да чекаме пред вратата на евроатлантската коалиција, туку, пред сè, заради нас самите.
(Текст објавен во 129. број на неделникот Република, 20.02.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.