| четврток, 6 декември 2018 |

Кинеска урма – За една до две години дава богат род

Кинеската урма е дрво што не бара многу труд и вложување за одгледување, а нејзиниот принос може да биде исплатлив за македонското земјоделство и извор на приходи за семејството

Во Македонија постојат оп­тимални услови за план­тажно одгледување на кинеската урма, сепак таа сѐ уште е застапена како поединечни стебла во дворовите, особено во југоисточниот дел. Сè уште на неа се гледа како на новитет. Таа е едноставна за одгледување, рано дава плодови (една-две години по садењето) и има висока родност (до 20 тони од хектар), а вегетира на сите видови почви и е отпорна на болести и на штетни инсекти.

Кинеската урма може да се размножува со семе, израстоци и со калемење. Таа е култура што успешно се одгледува во суптропските и умерени појаси. Издржува ниска температура до 20 Целзиусови степени под нулата, успешно се одгледува во подрачја и локации заштитени од силни ветрови, добро изложени на сонце за подобро зреење. Поднесува суша, а не поднесува тешки почви со висока потпочвена вода. Режењето се извршува со цел да се формира родното дрво, да се отстрани вишокот гранки во средината на крошната, сувите и оштетени гранки. Во производен насад максималната висина на овошката треба да биде 3,5 до четири метри.

zemjodelstvo129-2

Овошката сака наводнување и дава повисоки и квалитетни приноси. Наводнувањето на овошките најдобро е да биде со инсталирање микроиригациски системи за наводнување (систем капка по капка за потешки почви или микрораспрскувачи за полесни почви).

На почетокот плодовите се со зелена сјајна боја, слични на плодот од маслинка. Во зависност од сортата, плодовите се со јајцевидна, издолжено крушовидна или тркалезна форма, со големина од два до пет сантиметри и тежина од 10 до 50 грама. Со зреењето во септември плодовите постепено ја менуваат бојата на обвивката со карактеристична сјајна кафено-црвеникава или кафена боја. Плодовите на кинеската урма може да се користат веднаш кога ќе добијат карактеристична боја на плодот бидејќи постепено созреваат и до крајот на октомври почнуваат да се збрчкуваат и паѓаат. Месото е со бело-жолта боја, со пријатен киселкаво-сладок вкус, малку сув и со арома на јаболко. Во плодот има семка што е со издолжена форма.

zemjodelstvo129-3

Поради високата содржина на корисни состојки и витамин Ц, плодовите на кинеската урма се употребуваат за снижување на крвниот притисок, за лекување грчеви во желудникот, за ублажување на кашлицата и против несоница, за забавување на стареењето на организмот. Плодовите се користат за подобрување на имуниот систем на организмот на човекот. Плодовите може да се јадат свежи, сушени или како разни преработки. Листовите, кората и растителната маса се користат во фармацијата за подготовка на разни лекови, сирупи и чаеви. Листот, исто така, содржи многу лековити состојки: богат е со катехини, рутин, кумаринови материи, шеќери, витамин Б1, како и со други материи што се користат во медицината.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top