Македонија има иницирано одржување заеднички владини седници и со Албанија и Косово и се очекува во наредните месеци да се добие одговор и од двете страни.
Ова го истакна министерот за надворешни работи Никола Попоски, одговорајќи на пратенички прашања на денешната собраниска седница.
– Владата на Република Македонија пред повеќе од една година официјално иницира до сите наши соседи, петте земји со кои се граничиме, а и во поширок контекст и со некои други земји со кои имаме интензивна соработка од нашиот регион да реализираме заеднички седници на влада. Неодамна имавме таква седница на влада тука во Скопје со Република Србија. Во минатото сме имале проширени состаноци со Република Бугарија, со Република Словенија на пример, а исти такви иницијативи имаме иницирано и со Република Албанија и Република Косово, и очекуваме што е можно поскорешен одговор, рече Попоски.
Според него тоа би бил еден дополнителен импулс во билатералната соработка, а и во регионален контекст би пратиле позитивен сигнал пошироко.
– Од Република Косово очекуваме дека во следниот период ќе одговорат позитивно. Таму имаше и објективни причини, бидејќи подолг временски период се формираше влада, но сега не постојат пречки да пристапиме кон одржување на таква седница на влада и веќе имаме подготвено повеќе предлози во овој контекс. При неодамнешната посета на Тирана разговаравме и за одржување на таква седница со Република Албанија што повторно би зависело од подготвеноста, односно брзината со која ќе ги добиеме повратните одговори и предлози за кои точки би можеле да ги дискутираме во текот на таа седница. Во двата случаи мислам дека е сосем реално да се очекува во следните два до три месеци да бидеме во можност да одржиме заеднички седници на влади, истакна министерот за надворешни работи Никола Попоски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.