В сабота во Драмски театар во Скопје е закажана премиерата на „Љубовници“, чијшто текст и режија е на актерката Катарина Коцевска, а во улогите настапуваат Билјана Беличанец-Алексиќ, Зоран Љутков, Драган Спасов Дац и Маја Вељковиќ-Пановска.
Ова е копродукциска претстава, а сите актери се согласија дека поминале низ фантастичен процес на работата додека ја подготувале претставата. Текстот на Коцевска е напишан поодамна, таа на актерите им го понудила уште во 2009 година, а дури сега ќе ја види светлината на денот.
– За оваа претстава ќе се бара билет повеќе – рече директорот на Драмски, Роберт Вељановски.
„Љубовници“ е современа, урбана љубовна приказна во чиишто ситуации и реплики ќе се пронајдат многумина. Приказната е за гинеколог, адвокат и за нивните сопруги. Претставата е копродукциска и ќе се биде ставена на редовниот репертоар на Драмски. За помлади од 16 години не е дозволена, ќе може да ја гледа само повозрасната публика.
– Знам дека текстот е добар, но преку изведбата на моите колеги видов дека е навистина одличен. Јас не можам да режирам ако немам ваква екипа. Секој режисер што бил паметен, за да направи добра претстава треба да ги послуша сугестиите од актерите. Многу идеи и решенија во претставата не се мои, туку ги донесовме заеднички – рече Коцевска.
– Во прашање е љубов. И за и во претставата. Ние се вљубивме во текстот уште на првото читање – рече Дац.
Ова е втор текст што го напишала Коцевска во својата кариера. Првиот бил пред многу години, исто така поставен во Драмски, но тогаш не го потпишала со свое име, туку со псевдоним, кој бил акроним од нејзиното име и презиме. Претставата е 0д 2007 година „Нашиот непрежален“, во која таа настапува на сцената.
– Интересно е што тогаш критиката напиша дека актерите не се ниво на текстот – рече Коцевска.
Коцевска (56) веќе 32 години е вработена во Драмски театар и публиката ја памети по повеќе театарски и филмски улоги. Таа имаше забележителни улоги во „Собирен центар“, „Не сега драга“, „Чија си“, „Ало будење“, како и во филмовите „Викенд на мртовци“, „Самоуништување“.
– Сите ние сме добри набљудувачи. Долго време сум во театарот. Но, тврдам дека овие четворица актери се подобри од мене, а без Дац оваа претстава немаше да успее – вели Коцевска додавајќи дека „Љубовници“ не е автобиографска приказна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.