| четврток, 6 декември 2018 |

Веродостојноста на снимките што ги објави СДСМ ќе се докажува на суд

Zaev-bomba-20-Custom-520x346

Дали се веродосојни раговорите што ги објави СДСМ?  Премиерот Никола Груевски денеска ги искоментира снимките кои беа пуштени во јавност од разговорите помеѓу владини функционери. Според него судската постапка ќе се утврди веродостојноста на истите.

Веродостојноста ќе се утврди низ законска процедура, предвидена во законите за вакво нешто. Јас нема да навлегувам во веродостојноста на материјалите кои се прибавени, искреирани и се објавуваат на незаконски начин и кои се дел од постапката – рече Груевски.

Тој вели дека секој граѓанин својата претстава за владините функционери ја формира врз основа на сопствена анализа.

Гледале како се однесуваме, како работиме, дали правиме добро или лошо. Граѓаните не познаваат долго време, многу долго, и имаат јасна слика што можеме да направиме, а што не. Што е израз на нервоза, на лутина, вербални навреди, а што е суштина на нашите карактери. Ние сме сепак на крај само луѓе, со сите наши слабости и со сите наши маани. И ние се радуваме, и ние се смееме, се нервираме, погодени од навреди, клевети, местенки, и ние тажиме при загуби или лични вредносни порази. И ние сме луѓе. Гледам во изминатиов период главна задача која си ја задала опозицијата е да не направи монструми,да не направи нечовечни. И морам да признаам дека советниците од страна добро ги советувале како да тргнат. Нормално целта им е да мобилизираат народ кој треба да им поверува на овие нивни клевети и конструкции и да почнат со протести, па да продолжат со пуштање креирани снимки, па протести, веројатно и некое насилство, и така да се занимаваме со ова, и буквално да не киднапира сите нас со се цела јавност во тој вртлог, а на страна од реалните теми и од потреби на граѓаните – рече Груевски, потенцирајќи дека граѓаните ги познаваат кои се и какви се. Со народот, вели премиерот, се речиси 9 години, некои и подолго, им ги знаат и мааните и доблестите, што можат и имаат срце и што не можат да направат.

Планот на Владата, според зборовите на премиерот, е да се борат против „ова што и се случува на нашата држава“.

И под тоа мислам да се бориме со аргументи, со факти, со нашето вистинско лице, а тоа е она кое граѓаните го познаваат  сиве овие години. Ние сме истите тие кои ги зголемуваа платите и пензиите и социјалната помош, истите кои трчаат по светот по инвеститори и придонесуваат за отворање на нови работни места, кои прават програми за самовработување, кои градат патишта, болници, инвестираат во здравството, им помагаат на земјоделците, сакаат да поправат нешто во образованието, истите кои даваат бесплатни учебници, компјутери за секое дете, нови автобуси, булевари, водоводни и канализациони мрежи. Ние сме истите тие кои работеа и сеуште работат со полна пареа на реалните проблеми, со наша програма и ветувања зад кои стоиме. Мнозинството граѓани гласаа за нас во континуитет речеси 9 години. Имаме свои слабости, грешки, пропусти, но тие никогаш не се од стратешко значење. Се трудиме многу. Граѓаните не познаваат кои сме. Јас сум убеден дека ова што сега се случува со сите обвинувања на опозицијата и налетот на блиските до нив медиуми со тоа што ставаат во контекст искреирани материјали од разговори, граѓаните нема да го прифатат, како што сум убеден дека вие многу добро не познавате и внимателно ќе ги следите сите детали поврзани со ова.  Нервоза, пцовки, гнев, лични негативни чувства, презир кон некого, вербални реакции од кои подоцна сме се срамеле или за кои сме се покајале сите ние сме искажале на различен начин, но важно е тие да не се суштината на нашето однесување. И вие добро знаете и граѓаните добро знаат дека не се, колку и некој да сака тоа свесно да ни го залепи ставајќи го во одреден контекст базиран на креирано сценарио. Ние мора заеднички да се одбраниме. И ќе успееме – рече премиерот коментирајќи дека провокации ќе има многу, некој сака сценарио кое ќе финишира со насилство и со сериозна криза, но тоа нема да го дозволат.

Тој испрати порака до работниците, земјоделците, пензионерите, студентите, бизнисмените, професорите, лекарите, до оние кои се невработени, до оние кои ги тиштат истите секојдневни проблеми и кои бараат решенија на тие проблеми:

Мојата порака до сите граѓани е, важен е реалниот живот, реалните проекти, реалните потреби на сите вас, и кој може да одговори на тие потреби, кој може да ви понуди решенија за проблемите и нови можности, кој може да обезбеди нови работни места, нови патишта, нови училишта, болници и слично. Ние работиме за граѓаните, деструкцијата и валканата кампања нека ја тераат тие и нека тонат во својата безидејност. Да не им дозволиме нарачателите на ова да успеат во своите намери. Да останеме спокојни, трезвени во одлуките, и да не наседнуваме во провокации. Ова ќе помине. Побрзо отколку што многумина мислат. Нас не чека многу работа. Имаме многу проекти пред нас, има и над 25 компании кои донесоа или се пред носење одлука за инвестирање, на чие убедување сме потрошиле многу  навистина многу време, сите ние, за да отворат можности тука, за да помогнат и да вработат наши сограѓани. Еве вчера потпишавме со компанијата која во Прилеп ќе отвори 2000 нови работни места почнувајќи постепено од октомври годинава. Тоа е реалниот живот. Тоа сме ние. Ние не сме тоа што сакаат да не прикажат.

Груевски додаде дека не треба да брза со било какви одлуки за разрешување финкционери и со било какви заклучоци. Никој не треба однапред да биде суден, без да се знаат деталите и околностите за овие креирани материјали и не се утврди вистината низ судска постапка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top