Во разговор со претставник на една од највлијателните американски организации за влијанието на САД во нашиот регион од светот ми се потврди ставот кој одамна го имам. Според него, со доаѓањето на администрацијата на Барак Обама, САД постепено го оттргнуваат својот фокус од Европа, пред сѐ од Централна Европа и од Западен Балкан – регионот каде што присуството на највлијателната земја во светот претходно беше повеќе од евидентно. Соговорникот ми укажа на нешто што на одредени субјекти во нашата земја не им е познато или не сакаат да им биде познато. Имено, САД стратешки го дефокусираат своето внимание од нашиот поширок регион кон други подрачја и држави бидејќи сметаат дека нивниот дополнителен ангажман е непотребен во општества каде што процесот на демократизација веќе е во реално напредна фаза.
Трагично и жално е што за решавањето на секој политички проблем во нашата земја постојано се упатуваат повици за меѓународна интервенција. Повиците и очекувањата за вклучување на меѓународната заедница во разрешувањето на политичките проблеми и судски предмети се невообичаени, деструктивни и отвораат простор за дејствување и на оние политички чинители кои, очигледно, не веруваат во својот капацитет и во рамките на своето програмско дејствување го немаат лоцирано стратешкиот интерес на нашата земја. Уште понепријатно е бидејќи тие што го создаваат проблемот немаат целосна свест за штетите што ги предизвикуваат со нивните дејства и оттука не разбираат дека во една демократска држава проблемите се решаваат во рамките на легалните институции на системот, независно дали станува збор за законодавниот, извршниот или судски сегмент на власта. Не е јасно како е возможно некој да верува и да очекува дека подобрувањето на демократските процеси и доаѓањето на власт е реално да се оствари без избори и преку користење недемократски средства. На барањето за меѓународна интервенција, оние кои се „повикани“ да интервенираат возвраќаат и повторуваат дека веруваат во нашата политичка зрелост и изразуваат очекување актуелните политички и правни проблеми што е можно поскоро да бидат разрешени во Собранието и институциите на системот.
Предметот „Пуч“ во соодветна транспарентна и легална постапка би требало побрзо да ја добие својата правна разрешница. Сѐ друго поврзано со овој предмет влегува во доменот на чиста шпекулација која секојдневно им нанесува ненадоместлива штета на меѓународниот углед на државата и нејзини граѓани. Не помалку важен е и фактот дека со секое објавување на неовластено прислушуваните материјали се злоупотребува и нарушува и приватноста на лицата што биле прислушувани.
Овој, пред сѐ, правен проблем треба да биде расчистен што е можно поскоро, а во неговиот тек е неопходно присуство на сите политички партии во законодавниот дом и отворање на сите патишта кои можат да доведат до компромисно решение, а кое истовремено е од голем интерес за напредокот на Република Македонија во процесот на евроатлантското интегрирање.
Правосудните органи и носителите на судската власт се наоѓаат пред исклучително тежок испит и предизвик, а ние треба да веруваме во нивниот висок степен на одговорност, независност и подготвеност да го вложат целиот свој капацитет и професионално знаење. Секако, ни останува да се надеваме дека ќе следи брзо разоткривање на организаторите на незаконските дејствија и целата вистина да биде претставена пред очите на јавноста. Во наведената насока најнормално е паралелно со истражните дејствија на органите на прогонот и отворањето на евентуална судска завршница, случајот да биде разгледан и во Собранието на Република Македонија, користејќи ја можноста, конечно, да биде отворен активен политички дијалог меѓу власта и опозицијата и евентуално да биде формирана соодветна Анкетна комисија за целосно истражување на наведениот случај.
Ние како граѓани, секако, сме за постоење фер и транспарентен процес, со силно почитување на принципите на законитост, независност, непристрасност и стручност во спроведувањето на правдата, посебно водејќи сметка и за почитувањето на пресумпцијата на невиност во текот на кривичната постапка.
Верувам дека никој од нас не посакува настаните поврзани со предметот „Пуч“ да создаваат меѓусебна поделба и да доведат до зголемување на политичката, безбедносната и општествената несигурност и нестабилност на институциите, и да ја загрозуваат функционалноста на општествениот поредок.
Носителите на политички функции имаат висок степен на одговорност и не смеат да заборават дека политичката борба мора да се води транспарентно, со силно почитување на владеењето на правото и демократските принципи, што е соодветна гаранција за зачувувањето на единството, водењето одржлив дијалог и порастот на довербата, но и зачувувањето на легитимитетот на легалните институции во државата. Не би сакал да бидеме сведоци на ситуација во која политиката и нејзините интереси ќе бидат посилни од владеењето на правото.
Колку побрзо ја научиме и примениме најновата политичка лекција, толку повеќе нашата визија, знаење и умешност ќе бидат реално вреднувани и соодветно наградувани, како дома така и надвор од нашите граници.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.