Македонија и Црна Гора имаат одлични билатерални односи кои се развиваат во духот на пријателството и меѓусебното почитување, заклучиле на средба премиерот Никола Груевски и потпретседателот и министер за надворешни работи и евроинтеграции на Владата на Црна Гора, Игор Лукшиќ.
– Беше истакната заедничката заложба и посветеност за континуирано продлабочување на економската соработка и трговската размена и на стимулирање на соработка помеѓу бизнис-заедниците од двете земји. Двете страни разменија мислења за реформите кои се спроведуваат во двете земји, кои се насочени кон унапредување на можностите во секоја општествена сфера и достигнување на европските стандарди, соопшти секторот на Владата за односи со јавноста.
Соговорниците на средбата во Скопје ја изразиле определбата на двете земји за интеграција во европската и евроатлантската заедница, како основи за обезбедување напредок на целиот регион.
– Беше поздравен потпишаниот договор со кој се уредува користењето заеднички простории за сместување на дипломатските мисии на двете земји во Париз, а се разгледуваа и можностите за ваков вид на решенија за сместување на дипломатско-конзуларните претставништва на двете земји во други држави. Двете страни разговараа и за опциите за унапредување на соработката во областа на туризмот и за можностите за воспоставување на авионска линија Скопје – Подгорица, соопшти владината прес-служба.
Груевски и Лукшиќ разговарале и за регионалните проекти од областа на инфраструктурата кои се предмет и на берлинската иницијатива.
Соговорниците искажале подготвеност и ги истакнале позитивните придобивки за двете страни од одржувањето заедничка владина седница, која веројатно ќе биде реализирана во текот на оваа година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


