| четврток, 6 декември 2018 |

Изборните успеси на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ: политичките желби во ингеренција на народот

Политичките желби во ингеренција на народот. Изборните успеси на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ

д-р Бона Лазар Бајрактарова

д-р Бона Лазар Бајрактарова, универзитетски професор

Секоја година, вообичаено, пред доаѓањето на новата година, сите ги испорачуваат своите желби: мали, големи, лични, семејни, групни–политички. Природата на желбите е значаен фактор за нивното исполнување, а крајната одлука е на селекторот, и неговиот досег!

Едно е кристално јасно: политичките желби (за власт!) се во ингеренција на народот. Како единствен демократски принцип! Сè друго е заблуда, манипулација. Тие што не го знаат тоа… тие што имаат поинакви надежи и очекувања(?!), попусто ќе чекаат на нивна реализација. Особено тие што не го исполнуваат основниот критериум на народот – довербата!

Од осамостојувањето на Р. Македонија, особено од 2006 година наваму, народот имаше можност да ги запознае политичките субјекти – претенденти за државното кормило. Низ искуството од повеќе изборни циклуси (парламентарни, претседателски, локални) и постизборното искуство во однос на реализирањето на предизборно дадените ветувања, народот научи веќе никому да не му дала бланко доверба. Не врз основа на реторички ветувања и додворувања, не врз основа на нечија самоперцепцијата за државотворност.

Довербата (изборна) се добива еднаш, првиот пат. Доколку потфрлите во реализацијата на предизборните ветувања/понуди, казната (ве) стигнува на првите наредни избори; со одлука на народот се збогувате со власта и од државните фотелји – на неопределено време!

Партијата ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Никола Груевски како лидер, во 2006 година изборите ги доби на база на обемна изборна програма. Македонските граѓани за првпат во независна Македонија се соочија со избор, наречен – „Програма на ВМРО-ДПМНЕ за преродба 2006-2010 година“, претставена на сто страници.

Сите наредни (парламентарни избори), со предзнак – предвремени: 2008, 2011, 2014 година (плус лoкалните и претседателските) – ВМРО-ДПМНЕ ги доби на ист начин! Но, овој пат, и со „Отчет“ за сработеното, и програма за секој нареден мандатен период. Презентираната платформа, програмите на оваа партија содржат јасно дефинирани цели, проекти. Посебно е за одбележување пристапот:

  • опфат речиси на сите сфери во општеството/државата (изградба, воведување на нови техники и технологии како новини во функционирањето на институциите, реформски постапки),
  • одредено: реализатор, динамика и временски рок за реализација на секој планиран проект,
  • посочено: извор на финансирање.

Никола Груевски како премиер, во Македонија за првпат воведе принципи и правила на работа базирани на три значајни елементи:

  • ветување (предизборна програма),
  • реализација на програмата, и
  • отчет за стореното – што, колку, каде, до каде!

Уште тогаш (2006), многумина, врз база на програмата што ВМРО-ДПМНЕ ја промовираше пред изборите, прогнозираа долго владеење на оваа партија доколку ја реализира предложената, сеопфатна програма. Така и се случ/ува/и! Реализацијата, на ветеното во изборните програми, дадена како отчет во пишана форма (пред наредните избори) – станаа препознатлив манир на однесување и на дејствување на ВМРО-ДПМНЕ под палката на нејзиниот лидер Никола Груевски. (За премиерот Груевски и неговата влада програмите имаа(т) третман на своевидна Библија!). Груевски стана првиот премиер што активно, со огромен ентузијазам го след/и/еше реализирањето на сите зафати во државата! Знае да даде до знаење (на оние што треба!) дека не е задоволен, кога некои работи доцнат во однос на планираното (отворена е-седница на Влада на Р.Македонија). Ангажираноста, искрената и безрезервна посветеност на државата (не штедејќи ја својата огромна енергија), стамените ставови за најважното прашање за македонскиот човек – името на државата, идентитетот – се фундаментот на народната верба во премиерот Груевски; верба, која никој, на никаков начин не може да ја разниша!

Груевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ, ја имаат формулата за победа! Не популистичка – како што опозицијата сака да ги толкува нивните изборни победи (повеќе пати досега), а своите порази! Победуваат по избор на народот! Не со некакви системски неправилности – како што реторички опозицијата/СДСМ ги правда своите неуспеси (резултат на загубената доверба кај народот).

Бесплатното образование, воведувањето бенефиции или нивно зголемување за многу категории (посебно ранливите групи) граѓани, огромните инвестиции во многу сфери (што никогаш ги немало), и многуте други позитивни нешта реализирани во Р.Македонија, оваа деценија не се апстрактна работа! Мене особено ме радува компјутеризацијата во државата (судовите и сите други институции, конечно, ги испратија машините за пишување во историјата; создадена е информатички-писмена нација, уште од најраната возраст), осовременувањето на здравството… Има многу да се набројува*!

* Добивме метропола со која можеме да се гордееме, работи на кои се одушевувавме во европските метрополи! А, факторот – вкус, што поединци во државава сакаат да го наметнат (кога е во прашање крајно амбициозниот проект „Скопје 2014“) претставува лична перцепција! За тоа дали е нешто создадено, изградено како објект, политика или постапка во државата е позитивно или не – сепак решава мнозинството од граѓаните. На избори!

Никој не вели дека сè е идеално во македонското општество, кое, за да заоди по патот на прогресот прво требаше да се извлекува од транзициските грешки – неправедната приватизација, илјадниците создадени стечајци! Никој не вели дека нема грешки! Ама, сè што е реализирано во државата – трансформацијата што ѝ се случи на Македонија во овие речиси 10 години, е позитивнa на ниво на целото општество – гледано и од внатрешен и надворешен (foreign) аспект! Може да се критикува колку што сакате, ама, сепак, им веруваме на очите – не на ушите! Личните желби, посакувања, фрустрации, се личен проблем! Ниту желба, ниту мислење за кoe било прашање или проблем, не може да биде наметнато како единствено исправно, над другите!

И, за крај, уште еднаш неспорниот факт – само народот решава за државното водство! Не постојат изборни манипулации што можат да ви донесат победа, ако тој (народот) процени дека не ја заслужувате! Спротивното – е фарса и самозалажување!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top