| четврток, 6 декември 2018 |

Епифанија и Епигонија (2)

aco-stankoski.jpg

Колумнист:
Ацо Станкоски

Да се наслика самата Историја на уметност, поправо само еден дел од неа, оној дел што недостасува во нашата локална култура, дел кој отсекогаш претставувал полигон за жестоки контраверзи и фрустрации, дел кој е историски неподобен како естетика, но дел без кој остануваме последниот остров на културната наивност во современиот уметнички простор на Европа.

Овој реален културно – историски хендикеп не е само опсесија за нашиот тажен ламент на евидентната цивилизациска инфериорност, која еве трае веќе со векови. Тој историско – уметнички вакуум може да предизвика и извесна симулациска динамичност, обид да се вгради личноста како продуктивен уметнички фактор во празнината. Можеби ретроактивно, да се искористи последниот ресурс на празнината, и се благодарејќи му на атипичниот и деформиран историски растеж на нашата култура.

РЕНЕСАНСА

Процесите што ја зафатија европската уметност почнувајќи од XIV – от па се до XVI век,ќе ја означат во голема мера целата таканаречена „нововековна“ Историја на уметност. Во овој драматичен период од историјата на западната цивилизација се одигруваат големи настани со планетарна магнитуда. Пред се тука се случува флагрантна промена на геополитичката карта на Евроазија (со инвазијата на Турците), а што се однесува до идеолошките структури на петрифицираната папско-цезаристичка христијанска структурологија, таа ќе претрпи силна културна и политичка критика. При тоа да не ги заборавиме колонијалните „истражувања“ на големите европски сили – почнувајќи со Венеција, Ѓенова, Шпанија, Португалија, па завршувајќи со Англија и Холандија.

Ова е навистина драматично историско време што провоцира драматична и незаборавна креативна мисла и дело. Но секое време има свои внатрешни и надворешни тензии, а колуминативните ситуации кога потенцијалите се „кинетизираат“ во вистинска глобална историска драма, настануваат како резултат на екстремизираните до максимум поларитети, како културни, така и геополитички.

Aco-kolumna-02_img1

Пледоајето за овие круцијални за „цивилизираниот“ свет настани, лежи уште во времето на Големата Шизма од 1054 година кога поради „идеолошки“ недоразбирања (спорот околу произлегувањето на Светиот Дух од Отецот и Синот), взаемна анатема си фрлија цариградскиот патријарх и римскиот папа. Потоа крстоносните војни како ригиден одговор на римокатолиците кон еретиците од исток, првин кон православните, а потоа и кон муслиманските калифати, дрочни од материјални и културни ресурси. Овие амбициозни планови на папата полека но сигурно ќе пропаѓаат во наредните векови, а кулминацијата на овие процеси е Реформацијата на Мартин Лутер, и создавање на цел еден протестантски блок во северните делови на Европа.

Од југоисток, пак, Турците-Селџуци полека го окупираат Балканот и ја потчинуваат (асимилираат и деградираат) Византиската империја и нејзините деривати – помалите централнобалкански православно–христијански кнежества.

Ова освојување сигурно предизвикало масовно емигрирање од под – дунавскиот Балкан на маса народ, пред се аристократи, трговци и занаетчии (значи се што имало потенцијал за придвижување, што имало „капитал“ или „ноу-хау“). Одеднаш Балканот останал без автентичната културна и владетелска елита. Од друга страна останатите делови на Европа (тука пред се мислам на оние гранични делови на Турската империја од христијанска Европа – од Равена и Венеција па се до Киевска Русија), добија огромен импут на култура и знаења од овие балкански бегалци. Притоа да не заборавиме дека Византиската уметност од тој период ги доживува своите ѕвездени моменти, најавувајќи еден нов пристап кон уметноста.

Тој нов стил инспириран од доцната антика (енкаустичките ранохристијански портрети од Египет) внесува нови димензии на естетско согледување (мозаиците на Света Софија во Цариград и оние од античкиот период – Стоби или Хераклеја на пример), кое за многу проучувачи на средновековието е всушност и почеток на ренесансната уметност. Без сомнение ова истиснување на балканските интелектуално – креативни елити од нивниот автентичен културен и географски простор коинцидира со наглиот вознес во културата на остатокот од Европа – пред се граничните делови на окупираниот од Турците-Селџуци простор.

Тука и почнува самата ренесанса, онаква каква ја знаеме денес: во Фиренца, Венеција, Милано, Ферара, Масина (па и во самиот Дубровник чија територија останува неокупирана од Турците, благодарејќи на вештата политичка игра на дубровничките владетели).

Да се потсетиме дека големите ренесансни творци својот концепт за „совршенство“ го црпеа од античката уметност, чии почетоци но и кулминација се случуваат токму на Балканот (во периодот на стариот век). Но во XIV, XV I XVI век овие дела тогашните уметници ги доживуваат посредно – преку римските копии.
Сигурно многу артефакти од Балканот ја надополнуваат оваа сјајна колекција на античката уметност во Италија, голем дел од нив доспеани со „емигрантите“, дел од нив добиени во трговија со Османлиите.

Важен е интересот за овој тип на уметност, до неодамна прохибиран од строгата аскетска догматика на средновековието чии главни креативни дострели гледаме во византиската уметност, романтиката и готиката. Со интеракција на овие регионални европски стилови ќе се создадат историските услови за појавата на ренесансата. Секако, главна естетска инспирација на овие стилско – интегративни процеси е уметноста на антиката.

Од друга страна, средновековната мистичност (на Византија, романиката и готиката) и дава на ренесансната уметност еден нов квалитет. Христијанската вера која е соборно устроена, на ренесансните уметници, за разлика од оние на стариот век, им дава еден цел спектар на социјални теми кои подоцна ќе се претворат во жанрови. Во заднина на сето ова е моралната димензија на христијанството и Новиот Завет кои ќе станат еден вид карактерна матрица на европскиот човек.

Интересот на уметниците и елитите за антиката (од периодот на ренесансата) се должи на прифаќањето на класичното разбирање на телото – како дом на духот (или душата).
Ова секако било прифатливо за дежурните егзегети во Рим. Потребна е сугестивна уметност (реализам) за успешно да се спроведува владетелската пропаганда. За вакво нешто се потребни професионалци кои си го знаат занаетот на миметичкото, а не некакви сомнебулни аматери – аскети и лудаци од пустините.

Aco-kolumna-02_img2

Потребно е католицизмот да се прослави и возвиши, сега кога еретиците од Балканот ги проголта „неверничкиот“ аждер. Треба да се засили позицијата на моќта и хиерархијата, а тоа не е можно со наивните минијатури и сематичниот живопис на скрушената понизност од средновековниот арсенал на пасивност.
За вакво нешто е потребна монументалност, авторитарност и сугестибилност, а тоа нешто го има само во античката уметност. И така, полека но сигурно европските христијански градови-касаби ќе заличат на некакви антички архитектонски сурогати полни со империјална амбициозност и, настроени со краен ентузијазам кон човековите естетски потреби.

Ова е и почетокот на капитализмот, всушност последните остатоци на феудализмот под притисокот на моќните културни и економски осмози што го зафатија европскиот континент со инвазијата на Османлиите. Тука да ги придо- дадеме и колонијалните освојувања на западноевропските монархии и конечно реформациите, кои ќе создадат поинаква културна идеологија и естетика од онаа на католичка Европа.

Значи во вакви услови се создаваше темелот на нововековната европска уметност која ќе стане парадигма за западната цивилизација.

Почнувајќи од Ѓото и Мазачо, преку Пјеро де ла Франческа, Чимабуе, Фра Филипо Липи, Паоло Учело, Виторе Карпачо (венецијанскиот Бројгел), Андреа Мантениа, Антонело де Масина, Доменико Гирландајо, Џовани Белини, па се до Џорџоне, Тицијан, Ботичели, Перуџино, Леонардо да Винчи, Рафаел, Микеланџело, Тинторето и Веронезе, европската уметност влезе во нов историски дискурс, внесувајќи ги темите на човекот, космосот, еротиката, поетиката, науката, рационалноста и хуманизмот. Ова е процес кој трае цели два века и кој бесповратно ќе ја усмери европската цивилизација во дотогаш невиден прогрес и просперитет, ќе остави неспоредливи ремек дела во светската Историја на уметност и ќе иницира нов поглед на физиката и метафизиката.

На северот од Европа, поточно во германскиот, фламанскиот и францускиот свет се случуваат процеси аналогни на оние во Италија, но овие културно – уметнички резултати имаат своја посебна автентичност. Тие секако ги црпат своите инспирации од италијанската сцена, (познати се уметниците кои одат на ходочастие во Италија – Мемлинг, Дирер…) но исто така на северот од Европа се создава една впечатлива уметност чија духовна инспирација е сублимат на готски спиритуални и естетски искуства, и овој период од европската уметност е наречен – „Северна ренесанса“.

Елитните градови од кои ќе зрачи овој стил во уметноста на северна Европа се Минхен, Нирнберг, Амстердам, Антверпен, Ротердам, Парис, Авињон, Лондон, Виена, Прага, Краков, Копенхаген, Стокхолм, Берлин, Хамбург, Франкфурт, Женева, Виена итн. Уметниците што ќе ја прослават уметноста на Северната ренесанса се исто така фасцинантни како и оние од од јужниот дел на Алпите. Но тука недостасува античкото искуство на хармонија и симетрија, затоа Северно–ренесансната уметност ја има онаа експресивна и надреална впечатливост, што ретко ќе ја видите во Италија во тоа време.

Сепак, уметниците како Хјуберт и Јан ван Ајк, Роже ван дер Вајден, Бош, Бројгел, Лука Кранах, Дирер, Гриневалд, Мајсторот од Авињон, Франсоа Клуе, Алдорфер, Ханс Холбајн, Жан Фуке се носители на естетски вредности кои ќе ги надвладеат модернистичките чистки на ренесансните вредности и успешно ќе се имплементираат (како инспирација) во неколку модернистички стилови, како што се надреализмот, симболизмот, дадаизмот, фантастичниот реализам, експресионизмот итн.

Некои од овие гении како што се Дирер и Кранах, ќе го поддржат реформистичкото учење на Мартин Лутер, партиципирајќи и во политичката историја на Европа. Портретите на Мартин Лутер изработени од овие уметници, (како и оние на Хенри VIII од Ханс Холбајн) говорат за една суптилно ангажирана уметност која не останува игнорантска кон главните теми на времето.

Ренесансата ја детерминира Европа, нејзината цивилизација и уметност, без оглед дали е тоа италијанскиот или северно – европскиот модел. Овој период доведе до отворање на човечкиот интерес за доттогаш табуизираните теми, за чудните и тукушто откриени светови и за страшната азиска закана (исламот) која сето ова може да го уништи како никогаш и да не постоело. Како што тоа го направи со православните христијански „еретици“ од Балканот. Со нивните генетски и културни браќа што ја создадоа античката уметност. (продолжува*)

*Продолженијата од фељтонот Епифанија и Епигонија ќе бидат објавувани секој понеделник

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top