| четврток, 6 декември 2018 |

Богат извор на витамин Ц и носи голема заработка

Ацеролата претставува плодоносна листопадна грмушка или дрво кое вирее длабоко во тропските климатски региони на Јужна и на Средна Америка. Кај нас е можно одгледување во пластеник. Може да поднесе најниска температура до два Целзиусови степени. Преферира кисели и лесни почви, а постарите растенија може да поднесат и краткотрајна суша

Може да се одгледува и во саксии. Двогодишно растение во саксии дава преку 50 плодови, додека истото растение во земја дава и преку 300 плодови.

Инвестицијата е во купување садници, која се враќа во првата година.

Цветовите се ситни, со розова боја и се наоѓаат во соцветија од по 3 до 5 цвета. Потекнува од полуостровот Јукатан во Мексико. Во природата нараснува до 6 метри, но најчесто е со големина од 2 до 3 метри. Количеството на витаминот Ц во ова овошје е поголемо за 32 пати отколку во портокалот. Има плодови поголеми од цреша, кои се со црвена боја, а нивниот вкус е меѓу цреша и вишна. Можеме да ги најдеме под името барбадос вишни, вест индијан вишна, цереза, семуроко и церисиер. Витаминот Ц во ацеролата помага при зајакнување на имунолошкиот систем на телото. Во просек, плодовите содржат од 1.500 до 4.000 милиграми витамин Ц на 100 грама свежо овошје. За споредба, портокалот има само 50 милиграми витамин Ц на 100 грама свежо овошје и помалку од половина количина магнезиум, калиум и пантотенска киселина. Освен со витамин Ц, ацеролата е богата и со провитамин А, витамини од групата Б, а помага и во уништување на слободните радикали кои може да предизвикаат болести на очите, артритис и рак. Исто така, помага при лечење и ревитализирање на оштетените ткива во телото.

zemjodelstvo128-2

Од минералите што ги содржи најзначајни се железото, калциумот и фосфорот. Содржината на шеќерот во плодот е ниска, вкупно 3-5 отсто.

Поради калиумот што го содржи, ова овошје ги регулира крвниот притисок и срцевиот ритам. Фолната киселина која се наоѓа во ова овошје помага во делбата на клетките, па затоа им се препорачува на трудници. Фолната киселина, исто така, го штити новороденчето од болести. Ацеролата е природен лек против главоболка. Ацеролата има дејство против болки, слично како дејството на аспиринот и на ибупрофенот, па помага и во намалување на температурата и при болка во грлото. Биофлавоноидите и каротеноидите кај ацеролата се многу силни антиоксиданти кои помагаат во одржување на нивото на холестерол во телото. Тие го чистат телото од канцерогени материи, но и го лекуваат нарушувањето во желудникот, како што се тврда и мека столица. Плодовите може да се преработуваат во сируп или во џем. Нивната консумација се препорачува при појава на замор или како помош кај различни вирусни инфекции, зараснување рани и лекување болести кај црниот дроб. Сокот од ацерола особено го користат како освежување пилоти, астронаути и атлетичари изложени на голем физички напор. Исто така, го зајакнува респираторниот систем и помага во создавањето колаген, кој е клучен за здрав и убав изглед на кожата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top