| четврток, 6 декември 2018 |

Автономијата и реформата на универзитетот

Јованка Кепеска

Јованка Кепеска

Во дадениов момент, кога високо е поставена заложбата за автономија на универзитетот, што како максима е незаобиколива, и, со оглед на дискусиите околу законското решение, неминовно се поставуваат прашањата колку се опфаќаат суштинските аспекти на, како што студентите рекоа, радикалната за да биде таа вистински радикална реформа на универзитетот. Затоа да се потсетиме на релацијата на автономијата на универзитетот и неговата претпоставена реформа.

Концептот на европскиот универзитет е заведен врз филозофски основи, со спроведената реформа, при основањето, на Берлинскиот универзитет, 1810 година, од хуманистичкиот визионер Вилхем фон Хумболт (1787-1835). Оваа реформа, преку австриската варијанта, влијаела на конципирањето на универзитетите во сите јужнословенски држави. Осмислената реформа мобилизирањето на интелектуалните сили универзитетот да го извршува во рамките на слободна дејност, автономија, без политичко, но и економско мешање на општеството во истражувањата и во соопштувањата на постигнатите резултати. Истовремено поставувајќи уште две барања во мисијата на универзитетот да го реализира европскиот хуманизам и универзалното знаење, а тоа се: единството на хуманистичките и природните науки и, врз таква основа, воспоставување единство на научната и наставната дејност.

Современите заложби што се јасно искажани во Големата повелба на универзитетите од Европа во 1988 година од Болоња и во подоцнежните акти за принципите на универзитетското образование остануваат врз таквата нововековна реформска основа за универзитетот.

Сепак, иако Големата карта на универзитетите ги определува овие суштински заложби, во практиката, под автономија на универзитетот се инсистира само на немешањето на политиката (државата), но не и да се отстрани профитерското влијание.

Според актите за операционализацијата на реформата на европското универзитетско образование, не се евидентно опфатени заложбите ниту за единството на науките и ниту за институционалното единство на истражувачката и наставната дејност. Според таквата логика, кај нас не постојат дисциплини од хуманистичките и социјалните науки на факултетите од егзактните научни сфери, така што, пред повеќе од петнаесет години, и она нивно мало јадро што постоеше таму, се разурна, пред сé, од профитерски цели. Не постои ниту институционална поврзаност на истражувачките институции со наставните. На таков начин реформата не е извршена целосно иако се наведуваат заложбите за тоа дека хуманистичката мисла актуелно ја определува смислата на човечкото постоење и преку слободното мислење индивидуата е потребно да тежнее да се поврзе со човештвото во целина и да го изгради односот спрема историјата. Затоа што хуманистичките и социјалните науки во теоретско-дијалошката расправа со стварноста и со различните сознанија и култури, од своја страна, се тие што ја постигнуваат синтезата на теоретската со практично-политичката, етичката и економската димензија на општествениот развој. Затоа што со студиите за однесувањето на индивидуите и групите, економијата, цивилното општество, државата и нејзините институции, овие науки ја овозможуваат соодветната политика за социјален и културен развој на конкретното општество, а во образованието го тематизираат световниот, човековиот и општествениот концепт на професијата (лекар, инженер, филолог, педагог итн.)

А токму затоа Конвенцијата за признавање на квалификациите во високото образование во Европскиот регион, на Советот на Европа и на УНЕСКО, донесена во Лисабон 1997 година, ја афирмира хуманистичката димензија на образованието при што стекнувањето на знаењето го изедначува, покрај со научната придобивка, со културата на индивидуата и на општеството. Како што Болоњската конвенција од 1999 година, како заедничка декларација на европските министри за образование, го поврзува хуманиот развој со виталноста и ефикасноста на секоја цивилизација и респектот и заштитата на културната различност на сите земји.

И дека интеграцијата и глобализацијата не создаваат униформиран европски модел на образовен систем, како што се укажува во Конвенцијата на европските високообразовни институции од Саламанка од 2001 година, туку дека тоа е динамичен и димензиониран модел, освен според глобалните и според локалните, регионалните, заедници. За, на крајот, во Декларацијата за општествените и граѓански должности на универзитетите, од 2001 година, да се заложува образованието да одговори и на потребите на индивидуата, и на семејството, и на општеството, во развојните планови на универзитетите да ги опфати и општествените и граѓански цели за изградување стабилни, мирољубиви општества, какви што се: демократијата, социјалната интеграција, општествениот развој, достоинството, правдата, солидарноста, толеранцијата, ненасилството, плурализмот, недискриминацијата, макроекономската и микроекономската политика за сиромаштијата и за вработувањето.

Постојат ли кај критичарите на Законот за високо образование, и пошироко, пледоаје и сила да се нормативно и организациски да се операционализираат барањата за законското осмислување на мисијата за квалитетно образование на универзитетот во наши услови. И особено за да се надмине присутната енормна комерцијализација, но и внесувањето на политиката воопшто, а не само со државното мешање, на универзитетот.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top