„Дом“, тоа мора да е.
Маса доволно голема да можат барем двајца на неа да ги потпрат своите лакти.
Дом е кога поседуваш виљушка. Не како ладно оружје, туку да можеш да брцнеш во чинијата со салата.
Кога знаеш дека во секое време можеш да се прибереш од каде и да си скитал без да ти ја заклучат вратата или да те испитуваат каде си досега.
Кога можеш да ја оставиш вратата отклучена. Не само поради честото губење на клучевите. Ти и да не го загубиш клучот, пак некако ќе го загубиш.
Кога немаш алтер его.
Темнозелена перница со слика на лотос во три-четириесет нијанси сиво.
Книги на сите страни.
Неколку фиоки со зачини.
Моментално создавање атмосфера за гостољубивост. Иако си во пижами и не ти се зборува.
Место во кое сонуваш дека никој никого нема да мрази и никој нема да се плаши од никого и од ништо.
Ѕид на кој можеш да закачиш постер од Егзипери, а на фрижидерот да исцрташ графит со некои мемо лепенки.
Ла страда, ла долче вита. Леб и чоколадо. Крадецот на чоколади и на велосипеди можеби ти е првиот сосед, а можеби си ти самиот, ноќе, кога месечариш. Дење, кога сончариш.
Дури и да немаш греење, самата помисла дека си дома веднаш ја стоплува атмосферата.
Слично на дупка во која се крие мечката кога треба да ја преспие зимата. Домот има една димензија во зима, а друга во лето. Една димензија за луѓе што вежбале да не се поистоветуваат со предметите, а друга за оние што мислат дека ги имаат.
Место за гледање во ѕвезди.
Терариум.
Солариум. Аквариум. Место каде што рибата може да се чувствува како дома. Нели е нехумано животните да се чуваат во кафез само за да произведат симулација на рајско окружување? Дали нашата планета е кафез, исто така? Макар Фарадеев.
Во подрумот маса за пинг-понг.
Стари фотографии. Порносписанија во куфер под кревет. Единствен преживеан спомен од привремената работа во скандинавските земји. Црвена кожена јакна од Германија, екран од црно- бел ТВ-приемник, кабел за антена, телефонски жици и стапици за глувци.
Тло на кое вежбаш стабилно стоење на земја. Комфорна зона од која ја зрачиш емоцијата „и да умрам, не жалам…“ место од кое си бегал за да не те убедуваат да направиш нешто што не сакаш и да не правиш нешто што сакаш.
Место за изнесување контрааргументи. Место каде што можеш слободно да ги испробуваш сите видови ономатопеи. Ав, ав, циник лае.
Чувството дека си поврзан. Со космосот. Тоа е ѕвезденото небо ноќе и синиот бескрај дење. Сè што те опкружува заедно со тебе самиот.
Тост со многу кашкавал. Чили пиперче и пршута. Макало со суви пиперки.
Најубавиот мост на светот. Меѓу тебе и улицата. Всушност, клучка.
„Дом“ може да биде куќа, стан, барака, колиба, пештера, приколка, шатор.
Но, суштински, самиот човек е дом. Дом на животот. Дом на духот.
Или уште подобро – телото е кучиштето, екранот и останатиот хардверски дел, а душата е софтверот.
Ако тастатурата е холограмска, полесно е да се движиш низ мислите и чувствата.
Ако глувчето е безжично, можеш лежечки да кликнеш „safe“ од која било оддалеченост.
Домот е место каде што на раат можеш да ја користиш опцијата „повикај пријател“ во свет на кредити, кирии и ограничени можности.
Дом е чадот од запеченото јадење и мирисот на леб којшто те асоцира на љубов. Место каде што бестрашно ги користиш силните зборови без страв дека ќе го загубат значењето: грациозност. Место каде што сè самото себе се запаметува, без ниту еднаш да мораш да повторуваш.
Втората буква во еврејското писмо. Бет.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.