| четврток, 6 декември 2018 |

„Турски тек“ ќе минува низ Македонија

тек

Рускиот претседател, Владимир Путин, на средбата со унгарскиот претседател Виктор Орбан, истакна дека нема големи шанси за заживување на проектот „Јужен тек“, но, сепак, според  новиот проект,  турскиот гасовод ќе го транзитира рускиот гас кон  Грција, Македонија, Србија и кон Унгарија.

Според  домашните стручњаци, минувањето на гасоводот низ нашата земја освен што ќе донесе дополнителен доход од транзитни такси, има можност цената на гасот кај нас да се намали и до 50 отсто. Исто така, во изградбата на гасоводот ќе се  ангажираат и голем број  работници.

Путин изјави дека Русија е подготвена да разговара со сите компании за можноста да работат на проектот  „Турски тек“,  додека улогата на Унгарија како транзитна земја не е намалена по откажувањето на проектот за гасоводот „Јужен тек“.

– За жал, како што знаете, ние мораше да се откажеме од  проектот за гасоводот „Јужен тек“, но јас верувам дека искуствата што ги имаат изградено заедно со унгарските партнери, може да се користи и во проширување на работата со нашите турски пријатели во однос на т.н. „Турски тек“. Постојат различни опции тука, и ние сме подготвени да ги дискутираме со секој кој е заинтересиран за соработка – изјави Путин по разговорите со Орбан.

Рускиот лидер нагласи дека „значењето на Унгарија како потенцијална транзитна земја за Русија не е намалено” и дека сите инвестиции на Унгарија ќе им бидат „безбедно заштитени”.

Унгарскиот премиер од своја страна, рече дека Унгарија е заинтересирана за пренос на гасот од Русија до Европа преку Турција.

– „Јужен тек“, за жал, се откажа. Но, Унгарија е целосно посветена да продолжи со инвестиции. Унгарија носи двојна одговорност (за транзит на гас), бидејќи Србија добива гас преку Унгарија  – рече Орбан.

Рускиот енергетски гигант „Гаспром“ и неговиот турски партнер „Ботас“ веќе ја одбележаа трасата на гасоводот,  а меѓувладиниот  договор се очекува да биде потпишан во вториот квартал на 2015 година. Првата фаза  на гасоводот е предвидено да биде завршена  до крајот на 2016 година.

Капацитетот на „Турски тек“ се очекува да достигне 63 милијарди кубни метри гас годишно, што е еднакво на она што Јужен тек требаше да го носи во Европа. Турција ќе добие околу 16 милијарди кубни метри гас преку новиот гасовод, со преостанатите 47 милијарди наменети за Европа.

Проектот ќе биде завршен до 2020 година, кога „Газпром“ планира да го прекине транспортот на гас  низ Украина.

Според рутата, почетокот на гасоводот е на рускиот брег на Црното Море во близина на градот Анапа и оди под морето. Точката на излегување на копно ќе биде во близина на селото Кајакој, а главната точка за испорака на гас за Турција ќе се наоѓа во регионот на Лулебургаз. Гасоводот од Турција ќе излегува кај градот Ипсал и ќе оди низ Грција.
Морската делница на гасоводот „Гаспром“ ќе ја гради самостојно, а во реализација на проектот на копнениот дел ќе учествува и турски „Ботас“.

При изградбата на гасоводот „Турски тек“, „Газпром“ најверојатно ќе ја користи маршрутата низ Црното Море што беше планирана за проектот „Јужен тек“, со што, доколку работите се променат во следните години, рускиот енергетски гигант ќе може да изгради траса кон Бугарија и да го возобнови планот за изградба на балканскиот гасовод, наведува московскиот весник „Ведомости“.

– „Гаспром“ за „Турски тек“ ја избра маршутата предвидена за „Јужен тек“ веројатно со цел да ја остави отворена можноста за враќање кон откажаниот проект – изјави за весникот рускиот аналитичар Валериј Несторов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top