Над 960 невработени добиваат можност за самовработување со почнување свој бизнис преку Програмата за самовработување за која може да се аплицира од денеска.
Огласот трае до 10 следниот месец и на него може да се пријават невработени лица активни баратели на работа евидентирани во Агенцијата за вработување. Ќе добијат обука за претприемништво, помош при развивање одржлив бизнис план и регистирање дејност, неповратни грантови во форма на опрема и материјал и менторство во тек на почнување на бизнисот. Целта, според министерот за труд и социјална политика, е да се даде поддршка на невработени лица за основање сопствена фирма, формализирање на веќе постоечка неформална дејност и создавање дополнителни вработувања.
– Како дел од владиниот оперативен план за 2015 година програмата треба да им ги отвори сите можности на невработените лица со акцент на младите невработени, да преземат чекор и да ги искористат сопствените капацитеи и способности за самовработување – рече Спасов.
За Програмата за самовработување, што АВРМ ја спроведува со поддршка на Канцеларијата на УНДП, за годинава од државниот Буџет се одвоени 202 милиони денари.
– Во изминатите осум години, колку што соработуваме во спроведувањето на оваа програма, 6.700 лица успеале да отворат сопствен бизнис и да се самовработат. Една третина од нив се млади лица, а една третина се жени. Само лани во рамки на програмата се основани 940 мали бизниси, што претставува 14 проценти од вкупниот број нови бизниси отворени во минатата година – рече Луиза Винтон, постојан претставник на канцеларијата на УНДП во државава.
Според директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски, заклучно со 2013 година 73 проценти од почнатите бизниси преку самовработување се активни, ги подмируваат редовно давачките и остваруваат профит.
– Важно е да се напомене дека фирмите што останале да работат вработиле и дополнителни нови луѓе, така што бројката на вработени е над 5.800. Тоа е показател дека дел од фирмите згаснале, но добар дел што останеле вработиле и нови луѓе. Може да кажеме дека имаме поголеми фирми кои достигнуваат средни компании со до 40 вработени – наведе Поповски.
За програмата за самовработување може да се аплицира во 30-те центри за вработување низ државава. Од годинава нема да се пополнуваат хартиени формулари за аплицирање, туку директно во системот со помош на советници од Агенцијата за вработување. Конкретно, финансиската поддршка за програмата за самовработување за годинава опфаќа обезбедување експертска поддршка во форма на обука за претприемништвото и водење бизнис, ваучер систем за изработка на бизнис план и поддршка при регистрирање на бизнисите во висина од 16.600 денари, финансиска и советодавна поддршка за набавка на опрема и/или репроматеријали во износ од 185.000 денари, како и финансиска и советодавна поддршка за набавка на опрема и/или репроматеријали во висина од 240.400 денари за најуспешните 32 кандидати кои ќе презентираат одржливи и иновативни бизнис-планови и согласно со критериумите за евалуација се оценети за бизниси кои имаат најголем потенцијал за раст.
Предвидена е финансиска поддршка за дополнително вработено лице за 60 фирми корисници во вид на опрема и/или материјали во износ од 92.000 денари за кандидати кои ќе презентираат одржлив бизнис план, кој јасно укажува на потреба од вработување на уште 1 лице за успешно функционирање на бизнисот, но и преку економски и финансиски параметри ја потврдува одржливоста на дополнителното вработување. Најуспешните пет кандидати од областа на занаетчиската дејност кои аплицирале во Центарот за вработување на Скопје ќе добијат дополнителна поддршка за деловни простории со платен закуп и сметководствени услуги за првата година од основањето на фирмата. Вкупниот грант за овие занаетчии ќе изнесува 320.000 денари. Со програмата е предвидена и дополнителна советодавна поддршка по регистрацијата на бизнисот”
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.