| четврток, 6 декември 2018 |

Вељаноски – Бејли: Политичките ставови да се искажуваат во институциите

132515861

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, и новоименуваниот амбасадор на САД во Македонија, Џес Бејли, на денешната средба се согласиле дека недоразбирањата и политичките ставови треба да се искажуваат во институциите, односно во Собранието како највисок законодавен дом каде што ародот е претставен преку пратениците.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на Вељаноски, се разговарало за политичката состојба во земјата и за други актуелни прашања.

Амбасадорот Бејли, како што се наведува, истакнал дека е важно да се преземаат мерки за подобрување на севкупниот имиџ на парламентот и државата, а за тоа е потребно да постои дијалог за решавање на проблемите.

Вељаноски истакнал дека тој ќе ги употреби сите инструменти во негова надлежност, почитувајќи го Уставот, Законот за Собранието и Деловникот за што поскорешно разрешување на оваа политичка состојба и враќање на пратениците кои се во оставка.

Првиот парламентарец искажал задоволство од постигнатото ниво на пријателски односи помеѓу двете држави и од поддршката која САД и ја даваат на Република Македонија за која смета дека е искрена.

Вељаноски е убеден дека и сега, како и со претходните амбасадори на САД, ќе продолжи успешната комуникација и соработка. Таа соработка ќе биде унапредена во периодот кој следи, како во однос на продлабочување на парламентарната соработка меѓу двете земји, така и во однос на други прашања значајни за двете страни, стои во соопштението.

Амбасадорот Бејли потенцирал дека САД искрено ќе продолжат да ги поддржуваат сите значајни демократски процеси, како и што поскорешно зачленување на Република Македонија во НАТО и во Европската унија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top