| четврток, 6 декември 2018 |

Јаневска: Не верувам дека човекот сака само еднаш

10994808_10152681038043027_185719125_n

Преку својот блог „Белешките на Лајла Грејс“, Марија Јаневска за брзо време станува една од најцитираните млади авторки во земјата. Како Лајла Грејс, таа присвои огромна толпа следбеници кои ќе сакаат да дознаат која е девојката зад сите оние љубовни приказни.

На јавната книжевна сцена се појавува летото 2012 година, за набргу потоа да објави две книги „Белешките на Лајла Грејс“ и „Карма“.

За „Република“ Јаневска зборува за инспирацијата, успехот, љубовта…

Студираш фармација и паралелно пишуваш – две тотално спротивни професии. Од каде, навистина, љубовта кон пишаниот збор? 

Јаневска: Веројатно талентот сум го наследила од баба ми, таа постојано пишуваше  нешто. Ама кога ќе размислам, од секогаш сум пишувала. Веројатно е тоа некоја вродена љубов. Не можам да не пишувам. Посилно е од мене. Имам проблем кога немам услови да седнам и да пишувам и имам обврски. Ама некако успевам да балансирам. Сега засега. Кога се сака, се бара начин, а не изговор.

Од каде почна целата приказна? Од блогерка до автор на две успешни книги – како се случи сето тоа?
Јаневска: Сѐ беше спонтано. Можеби несмасно од моја страна, ама си ги следев инстинктите кога дозволив еден мој другар да ме натера да отворам анонимен блог и да дозволам јавноста да го оцени мојот пишан збор. И така, како гром од ведро небо кога решив да престанам да се кријам и кога сите дознаа која е девојката што се крие зад Лајла Грејс, сѐ ми се промени за три месеци. Не размислував многу тогаш. Не сакам да размислувам ни сега. Не изгледа толку страшно и драстично качувањето нагоре кога сѐ е природно и спонтано. Додека сите како мали си играа дека се наставнички, пилоти или доктори, јас глумев дека куцам на стара машина за пишување. Глумев дека сум писател. Не можам да опишам какво е чувството кога се исполнува еден детски сон. Мене ми се случи токму тоа.

Познато е дека многу од твоите љубовни приказни се раскажани токму на блогот и во книгите, но во една пригода спомна дека конкретно една љубовна врска те охрабрила да истапиш во јавноста. Зошто?

Јаневска: Да. По таа љубов многу пораснав. Тоа беше врска која ме приземји и ми покажа дека не е сѐ така розово. Тој беше практичен човек и секогаш калкулираше во што се впушта. Сметаше дека уметноста нема иднина во Македонија и се обидуваше да ми го наметне ставот дека пишувањето не вреди. Можеби беше премногу заштитнични настроен. Сега сфаќам дека тоа го правеше зошто се грижеше. Секогаш кога ќе се испокаравме и кога ќе ме видеше како пишував, ми викаше „Не пишувај глупости“,  без да знае дека илјадници луѓе се вљубија во нашите приказни. Можеби од инат се случи сѐ. Можеби од инат станав похрабра. Можеби од инат му покажав дека вреди. Си докажав себеси дека вреди.

10984695_10152681078363027_1171590011_n

Според тебе, колку пати човек вистински се вљубува? Само една ли е вистинската љубов?

Јаневска: Мислев дека е така сѐ додека оваа година не се вљубив повторно. Сфатив дека љубовта не се бара, таа самата си доаѓа. Сите оние договорени состаноци или излегувања и оние коментари „ќе се запознаваме полека, полека“ за да се „засакаме“ сфатив дека се жива глупост. Вистинската љубов е моментална и таа се случува веднаш. Не верувам дека човекот сака само еднаш. Треба само да научиме да препознаеме кога е готово – можеби тогаш кога повеќе ги сакаме спомените, отколку човекот кој ги создал. Треба да научиме да се откажеме од спомените кои нѐ прават носталгични. Не можеме да живееме заглавени во минатото затоа што љубовта е сегашност. Секогаш има нов ден.

10979453_10152681037988027_1386142789_n

Велат дека секој уметник има свој идол кој го поттикнал да сфати дека во себе има некој талент. Имаш ли ти свој идол?

Јаневска: Интересно е што секогаш кога ќе слушнам дека некој има идол, тоа мора да е некоја личност која никогаш не ја запознале и која дури можеби е и одамна почината. За мене, личност која немала контакт со мене не може да ми биде идол, не може да ме инспирира. Сметам дека вистинските херои треба да ги бараме меѓу нас. Додека растев, мој идол беше баба ми. Таа беше мојата слаба точка. Годината кога ја загубив неа, го најдов мојот нов идол. Тој семестар додека баба ми беше болна од рак, првпат ја запознав професорката Љубица Шутуркова. Кој не ја запознал, не може да сфати што зборувам. Жената е позитива. Не знам дали нејзиниот темпераментен начин на комуникација со нас или фактот дека носеше исто име како мојата баба ме натера толку брзо да ја засакам. Тие 4 месеци додека деноноќно седев во болница со баба ми, јас го учев нејзиниот предмет. Професорката толку многу ме импресионираше што ме натера да се обидам да ги следам нејзините чекори. Мислам дека тие денови таа беше единствената која ме натера да размислувам позитивно. Таквите личности се ретки. Професорката Шутуркова е важен сегмент од мојот живот. Ме направи борбена. Ме промени на подобро.

За крај, имаш ли омилен цитат, омилено купче зборови кои те водат во животот? Што би им посакала на сите читатели на „Република“?

Јаневска: Премногу лекции во животот нѐ делкаат и однатре и однадвор. Болката однадвор – среќата однатре. Како растев, сфатив дека проблемите се двонасочна улица. Секогаш има начин. Од нас зависи дали од камењата кои ни ги фрла животот ќе изградиме ѕид или мост. Секогаш кога ќе наидам на тежок период, се обидувам да се потсетам на еден факт кој ми го кажа мојот вујко. Дали сте знаеле дека кинескиот јазик, иако со најбогат фонд на зборови, користи ист збор за „проблем“ и „можност/шанса“?  Се трудам да не заборавам. Потрудете се и вие. Запомнете – секое лошо е шанса за уште подобро. Секогаш има нов лист.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top