Вардар продолжи во победнички ритам во Лигата на шампионите по зимската пауза поради светското првенство во Катар. Во Скопје во СЦ „Јане Сандански“ настрада Монпелје кој иако загуби со само четири гола разлика (30-26) не покажа ништо од играта во првиот натпревар на свој терен.
Играчите на Раул Гонзалес лесно, полетно и со многу додавања во нападот и со цврста одбрана дојдоа заслужено до победата која значи останување на второто место во групата Ц зад лидерот Веспрем во пресрет на најважниот дуел од групната фаза гостувањето во последното коло кај Рајн-Некар.
Тимур Дибиров можеби го одигра најдобриот натпревар откако е во Вардар постигнувајќи 12 гола и неколку актрактивни асистенции. Шест од головите беа од линијата за седум метри, а беше нерешлива енигма за сите три голмани на Мопелје.
Вардар успеа резултатски да се одлепи во 18 минута кога дојде до клучната предност од четири гола и до крајот не им дозволи на гостите од Франција да се приближат.
Одбраната функционираше беспрекорно дозволувајќи му на најдобриот стрелец на штотуку завршениот мундијал Словенецот Гајиќ да постигне само шест гола.
Арпад Штербик доминираше меѓу стативите со 11 одбрани.
Следниот натпревар Вардар го игра следниот викенд кај Рајн-Некар во директен дуел за второто место во групата Ц кое условно во осминафиналето треба да добие полесен противник и предност на домашен терен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.