| четврток, 6 декември 2018 |

Петарда

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Во постмодерното време, чијшто официјален и флагрантен почеток можеме да го лоцираме токму во моментот на пропаста на комунистичката идеологија, која се случи многу години пред падот на Берлинскиот ѕид и само беше прашање на издржливоста до конечниот крај, значи во ова време, за кое уште немаме официјален означувач, освен оној, веќе помалку застарен термин – постмодернизам, дискурсот на естетиката се сообрази со оној на политиката, која неспорно навлезе во зоната на беспоговорниот прагматизам, а демагошките стратегии ги супституираа идеолошките концепции. Логиката и симулакрумот на хипермаркетот е секаде присутен. Сè е на продажба и за сè има цена. Всушност, секоја манифестација на моќ и секоја исконструирана вредност се промптно инволвирани во големата арена на циркусот „Планета“. Оваа реалност на чудесен начин флагрантно почнува да наликува на онаа од цртаните филмови. А, всушност, се работи за етика и естетика, која во голема мера може да се опише како еден вид инфантилен надреализам.

Машините на манипулативната меморија, кои израснаа од најсофистицираните медиуми од технолошкиот бум, кој не престанува и само ги мултиплицира и рециклира суштинските вредности на минатите времиња, потврдувајќи ја својата поетска импотенција во однос на стравотното техничко либидо, кое сака да создава консумеристички идеалитети со цел да ја наметне својата утилитаристичка незаменливост, значи овие чудесни фабрики на виртуелна реалност создаваат еден сосема нов концепт на стварност, стварност во која не постои смрт, туку само безброј начини на презервирање и документација на потрошената реалност.

Со тоа може да патувате во сите насоки на простор-времето, без оглед на локалните идеолошки заедници, кои се борат на пазарот на идеи како крокодили од фармата за рептили по парчето месо, фрлено од нивниот газда. Навистина сентиментална слика во однос на она што следува. Говорам, пред сè, за оној концепт на реалност, во кој сè што ќе се уништи, на чудесен начин може веднаш да се обнови.

Така во оваа реалност е можно субјектот да биде изрешетан со автомат, а во следниот миг да е сосема релаксиран, додека пие вода, од телото му истекува течност од дупките направени од куршумите. Или, пак, да падне од авион без падобран и кога ќе удри во земјата, да се стори флека или, пак, некој вид палачинка, а за во следните мигови некако да се одлепи од земјата и повторно да се оформи во стариот добар лик од ова уметничко дело за деца и идиоти.

Во оваа ирационална категорија неверојатни, а, сепак, толку банализирани случувања спаѓа и онаа, веќе до крајност тривијализирана сцена, кога на злобниот, но губитнички лик ќе му експлодира во рацете бомбата, што ја наменил за својот толку омразен конкурент.

Тој на почетокот ќе го почувствува разорниот ефект на експлозијата, но во следниот кадар го гледаме само поцрнет. Очите остануваат единствен дел од телото, кои не го претрпеле ефектот на бомбата. Набрзо тој повторно е во форма, стариот добар лик, што смислува нова стапица за херојот. И сè така до бесвест.

Ако сето тоа го приведеме кон вистинската реалност на постоењето, која на крајот сепак ќе се појави во својство на неманипулативна и некорумпирана трагичност, тогаш ваквата комика на зачадување би воспоставила недвојбена скепса во капацитетот на оваа експлозивна направа и веднаш би ја класифицирала во категоријата петарди. Значи, во оваа комична, но, воедно, трагична реалност во рацете на антихеројот се најде петарда, која кон тоа му експлодира во раце и го закади, претворајќи го во зачадено и поцрнето суштество, шокирано од сопствената неспособност, иако замислата била генијална.

Сепак, тој не се откажува. Сега тој е растрчан наваму, натаму во потрага по поддржувачи. „Вистината ќе излезе на виделина“ – ламентира на сиот глас пред неколкуте затечени граѓани во пижами. Со таа експлозија им го уништи сонот и ги втера во непотребна параноја. „Долу влада!“ – тоа ли сакаше да каже. Премногу истрошена парола на помодните револуционери, чија главна задача е со своите задници да ги греат сензитивните јајца на глобалистичките плутократи, чија специјалност е менување на историјата – задача, што ревносно ја спроведуваат преку процесот на купување души, за што се специјализирале уште при нивниот престој во предворјето на пеколот.

На крајот, сè е ирелевантно во овој цртан филм, кој во своите структури нема ниту општествен договор, а ниту консензус околу основните постулати на стварноста во која се одвива. Но, прашањето за петардата, која требаше да биде бомба што ќе го уништи режимот, останува.

Овој зачаден и поцрнет лик со многу еластичен ’рбет и кабалистички склоности, петардата ја добил од неговите верни спонзори од надвор. Југот секогаш будел романтични чувства, еротика и авантура. Но, при последното сослушување пред народот, неговите верни спонзори ја загубија власта, а нашиот опозициски шампион со ова се најде на бришан простор. Новиот владетел на една од нашите соседни земји има поинакви интереси и стратегии, така што нашиот опозициски шампион остана без газда.

А да останеш без газда во овој свет, каде што секој и сешто има газда, е позиција, безмалку, шизофрена.

Така овој неверојатен опозициски шампион на несмасноста и илузијата стана глинен гулаб за мноштвото натпреварувачи во стрелање. Канонадата почна, стотици истрели го разнесоа глинениот гулаб. Но, во оваа чудна реалност тој останува неповреден, а така е, зошто ова е реалност од цртаните филмови, каде што секој преживува.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top